Лоренс Иглбергер
Грците се смешни, но компромис треба да се направи

Интервју на поранешниот американски државен секретар за „Утрински весник“
Од нашиот известувач Борис Георгиевски
Вашингтон - Не знаеме дали на поранешниот американски државен секретар Лоренс Иглбергер некој се' уште му се обраќа со прекарот Лоренс од Македонија? Иглбергер не е сега многу расположен за патетика. Љубопитноста околу тоа како Лоренс Иглбергер, во американската политика познат под прекарот Игл (Орел), а во македонската јавност го заработил прекарот како Лоренс од Македонија, денес секој може да си ја задоволи на Интернет, каде што во детали можат да се најдат податоци за помошта што овој, денес 78-годишен поранешен дипломат, му ја донесе на Скопје непосредно по катастрофата од 1963 година, како тогашен втор секретар во амбасадата на САД во Белград. Речиси 15 години подоцна тој се враќа во тогашна СФРЈ, но овој пат како амбасадор на САД во Белград, откако претходно беше еден од асистентите на Хенри Кисинџер во Стејт департментот.
Додека беше американски државен секретар, во 1992 година лично го испрати на овие простори Роберт Фровик со категорична задача, меѓу другото, и да му укаже на Белград дека Македонија не смее да биде вовлечена во југословенскиот конфликт.
Осмата деценија од животот Иглбергер ја поминува во Шарлотсвил, Вирџинија, жестоко навивајќи за својот близок пријател Џон Мекејн во американската претседателска трка. Проблемите со здравјето и неодложните обврски што ги имаше тој ден му овозможија да одвои едвај петнаесетина минути за овој разговор.
Господине Иглбергер, ги следите ли преговорите меѓу Македонија и Грција околу спорот за името и дали гледате решение за овој проблем?
Ги следам, генерално, разговорите и сметам дека Грците се смешни, како што се смешни веќе подолго време во врска со овој проблем. Но, преговорите што се водат сега се многу важни затоа што од нив зависи приемот на Македонија во НАТО. Значи, мислам дека постои решение за тој спор. Слушам од повеќе страни дека Грците се подготвени да прифатат нешто како Горна Македонија или некое друго слично име кое ќе направи разлика меѓу Република Македонија и грчката провинција Македонија и мислам дека тоа ќе биде добро решение, барем од она што можам да го слушнам овде во Вашингтон.
Актуелната американска администрација одлучи подлабоко да се инволвира во преговорите, поставувајќи се како медијатор меѓу Македонија и Грција. Сметате ли дека таквиот ангажман на САД е добар?
Се' додека македонската страна е подготвена да прифати некој предлог со додавка кон името Македонија мислам дека шансите се многу добри и дека преговорите ќе доведат до решение. Дополнителна причина за мојата сигурност е и фактот што САД ги притискаат двете страни за да се дојде до решение. Не мислам дека САД ќе прифатат Грција да остане на својата тврда позиција која под ниту едни услови не сака да и' дозволи на Македонија да стане дел од НАТО, употребувајќи го своето регуларно име. Очекувам да се постигне некаков компромис со кој ќе и' се дозволи на Македонија да продолжи да го употребува своето име, но со некаква додавка, и очекувам дека токму тоа и ќе се случи.
Сметате ли дека предлозите како Горна Македонија или Нова Македонија го загрозуваат македонскиот идентитет или иднината на државата?
Не. Не верувам дека тоа е случај. Напротив, верувам дека е сосема прифатливо име како Нова Македонија, Горна Македонија или некоја слична придавка, за која морам да кажам дека е целосно непотребна, но тоа е, за жал, цената за Грците да се согласат да и' дозволат на Македонија да влезе во НАТО. Таквата промена ќе вреди многу и таквиот компромис ќе вреди многу доколку Македонија влезе во НАТО и воопшто не мислам дека таквиот компромис ќе ја загрози иднината на Македонија. Напротив.
Постои ли начин Македонија да добие и покана за членство во НАТО и да го задржи уставното име?
Не знам што се вели во вашиот Устав, но јас велам дека верувам оти е можно да се постигне компромис со Грција со кој Република Македонија ќе го задржи зборот Македонија во насловот со некој дополнителен збор кој ќе ја оддели од грчка Македонија. Цврсто сум убеден и знам дека ќе биде најдено решение.
Актуелната американска администрација силно притиска да се најде решение за спорот до самитот на НАТО во Букурешт. Какви се вашите сознанија од Стејт департментот, владее ли и таму оптимизам дека проблемот ќе биде затворен дотогаш?
Мислам дека кај нив постои оптимизам. Мислам дека нема никаков сомнеж во Вашингтон дека ќе бидат во можност да најдат компромис. Уверен сум и ве уверувам дека американската администрација ќе биде многу цврста во настојувањата да се најде решение, затоа што актуелната администрација многу силно го поддржува влезот на Македонија во НАТО. Што и' да бараат Грците ќе мора на крајот да прифатат дека САД не се подготвени да дозволат Македонија да остане надвор од НАТО и оттука сметам дека ќе се најде решение.
Какви ќе бидат опасностите за иднината на Македонија доколку не добие покана за членство на претстојниот самит во Букурешт?
Постојат повеќе опасности, а најважната секако е следнава. Јас мислам дека косовските Албанци, со текот на времето, а тоа не мора да биде многу долг период, ќе се обидат да ги приближат Албанците во Македонија, па дури и оние во Грција во обид да создадат големо Косово, или ако сакате голема Албанија. Мислам дека тоа е најголемата опасност и тоа е нешто што може да се развие со текот на времето. Од друга страна, доколку Македонија влезе во НАТО ќе биде многу потешко за вашите соседи од Косово да посакуваат или да се обидуваат да се обединат со Албанците во Македонија. Оттука, приемот на Македонија во НАТО е важен не само за Македонија туку и за Грција. Доколку Грците малку размислат, ќе сфатат дека со приемот на Македонија во НАТО ќе им овозможи и ним еден вид одбрана од ваквите идни закани.
Иако Македонија успеа да ги избегне крвавите конфликти во бивша Југославија, до денес остана една од најсиромашните држави во Европа. Нивото на странски инвестиции е многу мало, корупцијата е висока, а меѓуетничките односи и понатаму се нестабилни. Што треба да стори земјата за да тргне напред?
Тоа бара неколку часа за одговор, но накусо, мислам дека е најбитно да се убедат различни етнички групи во Македонија дека нивната иднина лежи во обединета држава, а не во држава во која различните етнички групи се во меѓусебен судир. Тоа е прво и најважно. Второ, мислам дека македонската република мора да работи многу напорно на подобрување на економската состојба и во таа насока западниот свет мора да обезбеди барем минимална помош за Македонија за да се подобри економијата, и тука очекувам дека и САД треба да дадат голема поддршка исто како и Западна Европа.
Многумина во Македонија се' уште се сеќаваат на Вашата помош по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година. С�� сеќавате ли на тие денови и сте го посетиле ли Скопје или Македонија во изминативе години?
Не сум бил во Македонија или во Скопје најмалку 10 години, но се сеќавам многу добро на 26 јули 1963 година. Се сеќавам многу добро на храброста на граѓаните на Скопје по катастрофата и се сеќавам колку напорно работеа за да си го изградат повторно градот. Со голема наклонетост се сеќавам и на Скопје и на Македонија.
Во САД се во тек претседателските избори. Кој од преостанатите тројца кандидати, според Вас, би бил најдобро решение за балканскиот регион и за Македонија?
Јас сум голем републиканец и цврст поддржувач на сенаторот Џон Мекејн. Него го познавам со години и очигледно сум пристрасен, но посакувам сенаторот Мекејн да биде нашиот нов претседател. Реално сум убеден дека ќе биде избран. А што се однесува до грчкото лоби, воопшто немојте да се грижите за тоа, ниту за нивните врски со одредени претседателски кандидати, затоа што тоа не игра никаква улога ниту тие имаат некакво влијание откако некој ќе биде избран за претседател на САД. Мекејн е многу искрен и отворен политичар и немате апсолутно никаква потреба да се грижите за иднината на вашата земја доколку тој биде избран за претседател. |