Прва промоција без Розе
„Ова е прва промоција без Розе... И, искрено, не знам како ќе помине... Добро ќе ми дојдеше како десна рака“, ни се довери пејачот и кантавтор Ѓорѓи Крстевски, непосредно пред почетокот на промоцијата на неговата нова песна на која за првпат, поради работни обврски, не присуствуваше неговата поубава половина и асистентка, Розе.
По едногодишна пауза, Крстевски вчера точно напладне во кафулето „Фабрика“ во центарот на Скопје одново се сретна со новинарите, пријателите и дел од колегите што дојдоа да му направат чест и од прва рака да ја слушнат новата тема. Станува збор за песната насловена „Заборави се'“, која е во побрз ритам за разлика од досегашното негово творештво. Како и досега, музиката, текстот и аранжманот ги потпишува самиот Крстевски, додека миксот и мастерингот го направи заедно со Бобан Апостолов-Џани, кој ги отсвири и сите гудачки инструменти во песната. (К.Ш.) |