„Пежо“ со сериско производство на прв хибриден дизел-мотор
Францускиот производител го најави „пежо“ на првиот светски сериски дизел хибрид. Тоа е моделот 3008 hybrid4 што ќе биде промовиран кон крајот на септември, на саемот во Париз, а почетокот на продажбата се очекува веќе идната година. Неговиот хибриден погонски склоп веќе е претставен во неколку концептни ��втомобили, но ќе се користи и во неколку сериски модели, а првиот е „3008“. Комбинацијата кај „3008 Hybrid4“ e 2,0 литарски турбодизел мотор, со 165 КС, што ќе ги придвижува предните тркала и електромотор со 40 КС, погон за задните тркала. Во „Пежо“ се одлучиле за употреба на никел-метал хибридни батерии, кои се поевтини од литиум-јонските, а се сместени во долниот дел на багажникот заедно со електромоторот. Бидејќи нема механичка врска меѓу предната и задната оска, нема ниту дополнително зголемување на масата на возилото, а вградени се нов мотор и батерии. Дизел-моторот има старт/стоп систем и 6 степен секвенционален менувач. Електромоторот користи систем за регенеративно сопирање, кој кинетичката енергија ја претвора во електрична и ги дополнува батериите.
Вкупната сила на погонскиот склоп е 205 КС, а максималниот вртежен момент - 500 Нм. Просечната потрошувачка е 3,8 литри, а емисијата на ЦО2 - 99 г/км.
Возачот може да избира меѓу 4 типа на погонски склоп. Првиот, „ауто“, кој користи најоптимална комбинација на конвенционален и електропогон. Следува ZEV само на електричен погон. Кај 4VD се користат двата погонa, а „спорт“ ги забрзува промените на степените на пренос, правејќи ги при повисок вртеж на моторот. |