Прво нов закон, па потоа ќе играме ЈУ-лотарија
Ако законот за игри на среќа не се донесе скоро, нема да мож��ме идната година да се вклучиме во заедничкото лото со екс ЈУ-државите
Маја Томиќ
Ќе успееме ли да станеме дел од југословенското лото, чиј барабан наредната година ќе се заврти и ќе го фатиме ли чекорот со соседите кои забрзано ги прават завршните подготовки за него, станува се' понеизвесно. Ако во најскоро време не се донесе новиот закон за игрите на среќа, Македонија нема да може да се вклучи во заедничката лотарија што ја подготвуваат екс ЈУ-државите, Србија, БиХ, Хрватска, Словенија и Црна Гора. Нашата „Државна лотарија“ уште пролетта го најави своето учество во овој проект и досега присуствуваше на сите заеднички средби и договарања за новата игра, но ако дома не се променат законските правила, ЈУ-лотото ќе остане само пуста желба за македонските играчи на среќа. А фондот на новата игра, не е занемарлив. Главната премија ќе тежи 5 милиони евра, а планирано е да стартува во март 2011 година.
Донесувањето нов закон за игри на среќа тапка во место со години. Владата ги ветуваше законските новини уште кога ја започна процедурата за укинување на старата лотарија и најави формирање нова, државна лотарија. Тоа беше пред околу три и пол години. Оттогаш, па се' досега, и покрај веќе двегодишното функционирање на „Државната лотарија“, молк од надлежните, Министерството за финансии и Владата. Не се зборува за евентуални измени на стариот Закон, ниту за донесување нов.
„Новите правила што важат за заедничкото лото треба да се вградат во нов законски текст или да се приспособи стариот. Затоа што не може со стариот Закон да се вклопиме во југословенското лото. Сите држави треба да ги координираат законските правила. Од Министерството за финансии ни е дадена поддршка во учество во ЈУ-лотаријата и ветено ни е дека ќе направат напори за новиот закон да влезе поскоро во процедура“, изјави вчера директорот на „Државната лотарија“, Јован Силјановски.
„Лотарија“ од почетокот работи според стариот Закон, но тоа, како што изјавуваше Силјановски, не е пречка. „Министерството за финансии се' уште го подготвува новиот текст на законот, но додека тој не се донесе, ќе важат старите законски решенија“, одговори тој пред повеќе од една година.
„Утрински“ веќе објави дека во новата верзија на законот веројатно најголемата дилема ќе биде каква ќе е распределбата на парите од приходите од игрите на среќа. Согласно со се' уште актуелниот Закон, од секое уплатено лото ливче, 4 проценти одат директно во буџетот. Неофицијално, со новите решенија сите пари ќе оделе директно во буџетот, а потоа Владата ќе ги утврдувала критериумите за нивна распределба. Од тоа најмногу загриженост лани покажаа невладини организации, кои со стариот Закон, имаа директно право на одреден процент од приходите од игрите на среќа.
Инаку, „Државна лотарија“ вчера ја промовира новата инстант-грепка „калинка“, која ќе се продава по цена од 30 денари. Вкупниот фонд на добивки со оваа грепка е 150.000 евра, а главната добивка изнесува 500 илјади денари. Промоцијата се одржа во новиот салон „Ет-хоум“ на „Техномаркет“. Силјановски најави дека за новогодишните празници, најверојатно, ќе започне и новата игра „Гала-бинго“, за што подготовките биле во завршна фаза.
|