Здравството скапува
И порано се случувале немили настани во болниците, но никогаш немало жртви од уривање покриви
Јасмина Јовановска
Македонскиот здравствен систем, дефинитивно, скапува. Нема, нема, па здравството ќе го стресе некоја катастрофа од неорганизираност, нестручност или од импровизации, кое се сведува на оправдување дека нема пари. Ако до пред некое време родилки умираа поради немање опрема и кадар, лекарите бегаа во приватното здравство, болниците кукаа за основни лекови, клиниките алармираа дека лекуваат со застарена терапија, сега здравството го допре дното. Покриви почнаа да убиваат луѓе. И порано имало немили настани, но не толку често како сега и никогаш досега здравството не зело данок поради уривање на болниците. Сега и тоа се случи, но повторно никој не презема одговорност.
Политичките здравствени гарнитури само си ја префрлаат топката еден на друг. „Истрагата за уривањето на покривот на тетовската болница ќе каже кој е виновен“, вели министерот за здравство, Бујар Османи, кој секој ден дозирано излегува со нови моменти околу поправката на покривот на оваа болница во 2008 година. Прво ја откри фирмата, а вчера кажа дека кога покривот бил поправен, без технички прием бил предаден во употреба. Воденицата за вината се носи кон претходната здравствена гарнитура, кога министер беше Имер Селмани, во чие време била направена и поправката на покривот. Градежниците велат да се пушти објект во употреба без техничка проверка за исправност е исто како на пациент да му се даде лек без да се испита од што боледува.
А како да нема да се уриваат покриви кога ниту денар не се инвестира во инфраструктурата, коментираат аналитичарите. Најголемиот дел од парите, според здравствените анализи, најмногу се трошат за плати и на непотребни инвестиции - камери во ходниците, водичи и советници за пациенти. Од буџетите на болниците и на клиниките речиси повеќе од половината, па и до 95 отсто, се трошат за плати, како што е случај со Клиниката за кожни болести или, пак, со Стоматолошкиот клинички центар. Оттука не зачудува фактот што на болниците и на клиниките им остануваат малку средства за лекови, а речиси ништо за одржување на објектите.
И во услови кога нема доволно пари во здравствената каса, Владата го намали процентот на здравствениот придонес. Со намалување на овие приходи, уште толку се зголемува дупката во фондовската каса. Имаше ветување за пополнување на загубите од државниот буџет, но парите што се префрлаат ни оддалеку не може да го санираат недостигот, додаваат аналитичарите.
Колку државата, односно Министерството за здравство ги покрива своите обврски, покажа и ревизорскиот извештај. Во него се вели дека од 800 милиони денари долг во 2009 година на болниците и на клиниките, половината се поради неплатени трошоци за државните програми преку кои се покрива дијализата, инсулинот, хормоните.
Дупката во здравствената каса се проценува дека е околу 20 милиони евра, велат математиките од август годинава, кои, како што дознаваме, се наведени и во извештајот испратен до Министерството за финансии. Државата планира да го покрие недостигот со новите пакети за лекување, со кои пациентите ќе се лекуваат толку колку што ќе платат. Аналитичарите велат дека ова е невиден апсурд. Фондот се фали дека буџетот е во постојан пораст и за 2011 година ќе биде најголем, но расте и долгот.
„Се троши на се', само не на здравствени услуги. Нема никаков ред како и за што се трошат парите од здравствената каса“, изјави Никола Пановски, ексдиректор на Фондот за здравствено осигурување. Тој нагласи дека во негово време, при распределбата на парите, приоритет имале пациентите.
За да се спречи распаѓањето на здравството, аналитичарите сметаат дека треба да се тргне политиката од овој сектор.
„За состојбата во болниците и во клиниките не треба да се обвинуваат само директорите. Вината е во политизираниот систем, кој целосно ги централизира и парализира болниците во нивното управување. Министерот за здравство е директор на сите јавни здравствени установи во државата. Се разбира дека таквиот систем ќе се р��спадне“, вели Владимир Лазаревик, стручњак за јавно здравство. Според Лазаревик, потребни се независни и авторитетни директори и само така ќе може да се лоцира одговорноста.
„До независни болници може да се дојде преку закон за воведување автономија на болниците. Потоа преку приватизирање делови од болничкиот сегмент по примерот на приватизацијата во примарното здравство. Или да се приватизира само оперативниот менаџмент во болниците, каде што дејноста останува јавна, а граѓаните ќе се лекуваат како и досега, со сини картони“, предлага Лазаревик.
Првиот лекар во државата, Бујар Османи, по којзнае кој пат со иста фраза се правда дека не може преку ноќ да реши нешто во кое со години не се инвестирало. „За 50 години не бил удрен ниту еден клинец и она што е денес е манифестација на долгогодишна запоставеност“, е објаснувањето на Османи. Тој вели дека уривањето на покривот ги изнесе на површина сите проблеми во здравството. За него ваквите забелешки се само методи на политичка борба, без притоа да се внимава на довербата на пациентите. „Со вакви апокалиптични сценарија само се дава порака на пациентите да не одат во јавното здравство, туку во приватното, со што губиме сите, а партиите само собираат политички поени“, потенцира Османи, кој е категоричен дека ќе се бори да ја врати довербата на пациентите зашто јавното здравство е столб каде што се лекуваат 95 отсто од граѓаните.
На обвинувањата дека Владата само се фали оти го реформира здравството, а всушност само воведува рестрикции, Османи е категоричен дека фактите говорат. Долгонајавуваната опрема веќе е на царина и за кратко време ќе се види користат од неа. За воведувањето на новите здравствени пакети, Османи уште еднаш повтори дека се само предлог, кој ќе оди на јавна демократска дебата, и тие се извори на пополнување на новите трошоци, но и на она што е наследено. |