Фарса или избор за домаќинство на СП 2018 и 2022 година
По сите корупциски скандали, денеска во Цирих ФИФА одлучува за деветте кандидатури
Без разлика на неколкуте скандали за поткуп на членовите на Извршниот одбор на ФИФА денеска во Цирих треба да бидат одредени домаќините на Светските првенства 2018 и 2022 година. Оние кои бараа итен прекин на постапката, односно одложување на гласањето за периодот по неопходните реформи во највисоката фудбалска институција, денешниот „маскенбал на фудбалските главешини“ го окарактеризираа само како продолжување на фарсата, која подолго време ги уништува основните принципи на спортот.
Како што е познато, желба да бидат домаќини на СП 2018 година (по Мундијалот во Бразил 2014) имаат Англија, Русија, а заеднички кандидатури објавија Шпанија и Португалија и Холандија и Белгија. За 2022 година, пак, конкурираат Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Катар и САД.
Инаку во денешното гласање ќе учествуваат 22 претставници на ФИФА. „Тројца од нив примале мито во деведесеттите години од минатиот век“, гласеше шокантната информација што ја лиферуваше британската ТВ-куќа Би-Би-Си во својата програма насловена како „Панорама“. Станува збор за Парагваецот Николас Леоз, Камерунецот Иса Хајату и Бразилецот Рикардо Тешеира кои, наводно, зеле пари од маркетинг агенција која ги поседува вносните ТВ-права за мундијалските мечеви. Наводното мито и корупција е посочено во доверлив документ во кој се наведени 175 исплати во вкупна сума од 100 милиони американски долари (64 милиони фунти). Споменатите три лица не се произнесоа по обвинувањата на нивна адреса објавени во Би-Би-Си. ФИФА, која ги одби барањата за интервју во врска со овие обвинувања, се брани дека податоците се стари и дека оттогаш наваму највисоката фудбалска институција се променила.
Критичарите на ФИФА заговараат дека е потребно да се спроведе целосна истрага по ваквите обвинувања.
„Не можам да не мислам дека ќе биде подобро за Англија да инсистира на реформи во ФИФА што ќе направат организацијата да биде потранспарентна и поодговорна наместо да и' се покоруваат со цел да ја добијат организацијата на СП“, рече Дејвид Мелор, поранешен претседател на работното тело за фудбал во владата на Тони Блер.
Претходно „Сандеј тајмс“ тврдеше дека двајца членови Амос Адаму од Нигерија (претседател на Западноафриканската фудбалска унија) и Рејналд Темари од Тахити (претседател на Фудбалската конфедерација на Океанија) биле подготвени да разговараат со новинарите што се претставија кои се обидуваат да осигураат успешна кандидатура за САД. Подоцна беа објавени и снимки од разговорите по што ФИФА ги суспендираше своите членови на една година.
Пред еден месец, пак, Шпанија и Португалија беа обвинети дека направиле илегален договор со Катарскиот фудбалски сојуз. Според зборовите на бившиот секретар на ФИФА Мишел Руфинен Шпанија и Катар имаат седум члена во Извршниот одбор на ФИФА, кои ќе гласаат за двете кандидатури.
„Категорички ги отфрламе таквите шпекулации. Ќе докажеме дека сме чисти“, изјави претседателот на шпанско-португалската кандидатура Мигел Анхел Лопез.
Од друга страна, пак, некои медиуми шпекулираа дека ФИФА не ги мириса многу заедничките кандидатури, па оттаму денеска за организација на СП 2018 години фаворити биле Русија и Англија.
Кандидати за домаќини на СП 2018 година: Англија, Русија, Шпанија и Португалија, и Белгија и Холандија
Кандидати за СП 2022 година: Јапонија, Јужна Кореја, Австралија, Катар. |