Број 3278  понеделник, 10 мај 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Крајпатни дебати во пуста Пишица

Селаните велат дека политичарите ги посетувале само за избори, а потоа заборавале на ветувањата

Иван Бојаџиски

ШТИП - Селото Пишица се наоѓа на патот Штип - Пробиштип. Поголемиот дел од ова место со шеесетина куќи и 170 жители е на десната страна од патот. Жителите живеат од земјоделство и од сточарство. Младите се вистинска реткост. Селото има училиште, ама тоа е под клуч. Седумте основци секој ден со комбе заминуваат на настава во Пробиштип.

Веднаш до патот се забележува продавница, единствена во селото. Тоа е свето место за неколкумина селани, кои секогаш се тука. Разговараат за селските маки, за полските работи, водат дебати за македонските состојби, за иднината што не ја гледаат, но и за минатото по кое воздивнува и старо и младо.

Блажо Герасимов, во чија сопственост е продавницата, Трајчо и Живко Младенови, Страшо Иванов, Методи Иљов и Тоде Ристов велат дека политичарите ги посетувале само за избори, а општинското раководство многу ветило, а уште повеќе заборавило. Селските улици се темни и неасфалтирани. Но и покрај тоа, луѓето се враќаат во родната Пишица. Откако останале без работа, по долги години во големите градови, среќата повторно ја побарале на прататковските огништа.

„Кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, со голема помош на тогашна ЈНА изградивме водовод. На неполн километар од селото е вештачкото езеро, кое е вистински рај за рибарите. Секоја куќа има најмалку четири до пет крави. Млекото го откупува „Осогово милк“ од Соколарци, а од соработката сме задоволни“, велат овие луѓе.

Прашуваме дали политиката е предмет на нивните дневни дебати пред селската продавница. Во еден глас велат - не! „Политиката заборави на нас. Затоа не мислиме на неа и речиси воопшто не ја споменуваме. Тука нема поделби на леви и десни. Сите сме само добри соселани и настојуваме да го направиме животот поубав. Одамна сфативме дека сите се исти“, тврдат селаните од Пишица.

Животот во периодот од 1970 до 1980 година за нив бил најдобар. Поголем дел работеле во Пробиштип и во Штип, имале редовни плати, а во слободното време се посветувале на земјоделството. „Сега речиси и нема вработен од нашето село. Но, лошата транзиција и' донесе една нова убавина на Пишица. Губењето на работните места ги врати луѓето во селата. Повеќе нема фали село, живеј во град, туку остави го градот, живеј во село. Повратниците ги обновуваат старите куќи или градат нови. Лесно се вклопија во селските стандарди на живот“, вели Блажо Герасимов.

Меѓу таквите е Методи Иљов, кој пред некоја година дошол во Пишица, бидејќи „само дома си е дома“. Тој раскажува дека работел во Скопје како превозник, ама последниве години не видел некоја корист. „Еден ден си реков да ги соберам работите и да се вратам во мојата Пишица. И така направив. Дојдов, изградив нова куќа покрај патот, купив комбајн, трактор, коза и магаре. Одново го доживувам идиличниот свет“, потенцира Иљов.

Иста одлука пред десет години донел и Страшо И��анов. Долги години работел во кочански „Атом“, а по пропаѓањето на фирмата одново е дома. „Овде имам два хектара земја со житни култури. Ем корисно ќе го минам времето ем ќе обезбедам егзистенција. Добро е што во резерва го имав моето село, инаку не знам што ќе правев во Кочани“, вели Иванов.

Младите не остануваат во Пишица. Но, ги има. Меѓу нив е Ирена Герасимова, исклучително отворена и елоквентна девојка. Таа ги средува работите во семејното колонијалче. Пред една година дипломирала на Педагошкиот факултет во Штип.

„Ќе се вработам во струката тогаш кога Македонија ќе стане нормална европска држава. Сите мои надежи се потонати, бидејќи сите знаат како се доаѓа до работно место. Бев меѓу петте најдобри студенти во генерацијата, факултетот го завршив со просечна оцена 9,14, ама кому му е важно тоа? Имам диплома, ама немам книшка. А партиската книшка е првиот и најважен услов за работа. Кој гледа во дипломите? Во Пробиштип имаше огласи за работа по одделенска настава. Кога отидов да конкурирам, ми рекоа дека огласите се само формалност, а лицата се веќе примени. Знам само тоа дека нема среќа за државата ако најдобрите кадри не добиваат шанса да го работат она за што добиле највисоки оцени. Завршив одделенска настава по новата програма за деветтолетка. Но, кого кај нас го возбудува тоа “, вели разочарано Ирена.

Најпозната личност родена во Пишица е Хари Костов, кажуваат селаните. На прашањето зошто се' уште постои реченицата „Одам за пуста Пишица“, велат дека имало една височинка над езерото, која и сега се вика „пуста“. Тие мислат дека некогаш, многу одамна селото било лоцирано таму, ама нема докази за тоа.

„Сега сме најпуста Пишица. Не сме интересни за државата и за Општина Пробиштип. Кога ќе здогледаме црни, големи лимузини, знаеме дека дошле избори. Ама, овој пат ќе се прашаме дали селото ќе гласа. За четири години никој од одговорните не најде време да дојде во селото и да не' праша како живееме и кои ни се проблемите“, истакнуваат овие горди луѓе.


#
Статијата е прочитана 1039 пати.

Испрати коментар

Од: Трпе
Датум: 10.05.2010 07:19:35
Ич да не му се секират.Еве владеачката партија им отвори и нова интернет страница.Напишаните предлози ке им дојдат добредојде на владеачката партија.Пред избори ке ветуват се што народот сака да го слушне.Куќа не се руши со ветувања.Па зарем тие не остваруват.Но прашањето е за кого.
Од: Toni-Kiev
Датум: 10.05.2010 08:17:43
Seloto na moeto detstvo. Majka mi e po poteklo od ova selo. Ubavo selo so dobri ziteli. Pozdrav do site zeteli od Pisica.

Најди! во Утрински
Насловна
Зденко
Каде се редарите
Од забава во страшна смрт во амбис кај Калиманци
Македонија опасно се задолжува
Протестите на Албанците - нов аларм за соживотот
Сите скриени пораки на најскапата слика на светот
Координаторката и пратеничката група
Велеа дека не сум доволно убава
„Кои се овие луѓе?“
Русија маршираше како никогаш досега
Биометриските пасоши ги заглавија туристите
Има ли спас за еврото?