Русинките не' спуштија на земја
Светскиот првак победи со 43:24, Македонија денеска на поправен против Шведска
Роберт Димитриевски
Подгреаните амбиции по победите над Хрватска и над Србија, најсмелите прогнози одеа дури и до борбата за медали на 8. Европско првенство за ракометарки, се распрснаа како меур од сапуница по судирот со светскиот првак Русија на стартот од вториот круг. Подмладениот тим на Евгениј Трефилов, во кој немаше дури десет ракометарки што летоска настапија на Олимпијадата во Пекинг, брутално се пресмета со илузиите на домаќинот дека е кадарен за самиот врв, славејќи со неверојатни 43:24, иако на полувремето беше само 15:12.
Почетокот на натпреварот не навестуваше резултатски бродолом. Напротив. Избраничките на селекторот Владимир Глигоров фуриозно го отворија мечот, поведувајќи со 4:1 и одржувајќи ја позитивата од три гола до 13 мин., кога Мечевска погоди за 9:6. Следуваше контраодговор во вид на седум погодока во низа за Русија, а каков таков отпор македонските ракометарки даваа само уште до заминувањето на одморот. Уште тогаш беше симптоматично тоа што капитенот Тодоровска даде пет од последните шест гола на својот тим во првиот дел, во кој на спротивната страна брилјираше левиот бек Левина со шест погодока од седум обиди.
Во второто полувреме на теренот во салата „Борис Трајковски“ постоеше само една екипа. „Зборнаја“ продолжи да гази и веќе во 37 мин. на семафорот стоеше 22:13. Остатокот од мечот беше само дотепување на грогираниот противник, кој, очигледно, доживеа емоционално празнење по крајно стресниот прв круг на шампионатот, во кој дури во финишот од последното коло беше обезбеден толку посакуваниот пробив меѓу 12 најдобри селекции во Европа.
Не помогна ни враќањето на Радуловиќ по повредата на коленото, ни дебито на голманката Наумоска на големите натпреварувања, бидејќи беа направени премногу грешки, кои Русинките безмилосно ги казнуваа. Македонија загуби дури 26 топки во 71 напад, во кој реализацијата се сведе на очајни 34 проценти, наспроти 61 отсто на фаворитот, кој имаше девет успешни контри. Згора на тоа, голманката Седојкина скроти 17 удари, речиси двојно повеќе од двете македонски колешки.
Колку и да изгледа грдо, поразот од Русија, повеќе или пом��лку, однапред беше пресметан, а домаќинот остана на делба на третото место со својот денешен противник Шведска (18,15 ч.) и со Хрватска, кои исто така имаат по два бода. И Швеѓанките поминаа како боси по трње против првиот полуфиналист Германија, од кого загубија со 33:22. Глигоров за нив вели дека се технички добро изградена репрезентација со солидни индивидуалци, чиј најсилен дел е левата страна, поточно левиот бек и левото крило.
Глигоров: Умот сакаше, телото не
Владимир Глигоров: „Разочаравме. Брзо го испуштивме ритамот по одличниот почеток. Умот сакаше, но телото не можеше во второто полувреме, кога игравме дезорганизирано и немоќно. Но, и во поразот треба да се биде голем и да се извлече поука. Паузата ќе ја искористиме за анализа и за да размислиме за следните два меча, од кои се надевам барем на уште една победа за пласман на 7-8 место. Ако Русија на ова првенство не успее да ја освои титулата, тогаш на следното СП сигурно“.
Наталија Тодоровска: „Треба да знаеме и да губиме. Ни преостанува да создадеме подобра атмосфера, да се одмориме и да пробаме да направиме добар резултат во следните две средби“.
Евгениј Трефилов: „Тоа што победивме со голема разлика покажа како треба да игра нашата млада репрезентација. Ако ова беше финале, ќе бев многу задоволен“.
Олга Левина: „Ја наттрчавме Македонија. Во почетокот имавме проблеми, но во второто полувреме се созедовме и победивме“.
Русија - Македонија 43:24
Полувреме: 15:12. Сала: „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 5.000. Судии: Андерсен и Содал од Норвешка. Седмерци: Русија 3/4, Македонија 3/4. Исклучувања: Русија 8 мин., Македонија 6 мин. Грешки: Русија 17, Македонија 26.
Русија: Суслина, Седојкина (16+1), Хмирова 2 (2/3), Полторацкаја 6 (5/6, 1/2), Краних 2 (2/4), Дмитриева 4 (4/5), Левина 7 (7/8), Поленова 3 (3/4), Туреј 5 (3/3, 2/2), Королева, Петрова 2 (2/3), Муравјева 2 (2/5), Веткова 5 (5/5), Давиденко 5 (5/7). Селектор: Евгениј Трефилов.
Македонија: Наумоска (2), Андреева (7+1), Мечевска 1 (1/2), Ѓорѓиевска 2 (2/5), Кресоја 3 (2/3, 1/1), Радуловиќ (0/1), Илкова (0/1), Бујанова 4 (4/10), Тодоровска 5 (5/6), Портјанко 4 (3/8, 1/2), Црвенкоска 3 (2/3, 1/1), Пецевска 2 (2/3), Барјамоска (0/1), Новеска (0/1). Селектор: Владимир Глигоров.
Денеска на ЕП
Група 2 (Скопје): Русија - Хрватска (16,15 ч.), Шведска - Македонија (18,15 ч.), Белорусија - Германија (20,15 ч.).
Резултати и табели
Група 2 (Скопје): Русија - Македонија 43:24, Шведска - Германија 22:33, Белорусија - Хрватска 35:43.
Табела: Германија 6, Русија 5, Хрватска 2, Шведска 2, Македонија 2, Белорусија 1.
Публиката одново во елемент
Македонските ракометарки имаа огромна поддршка од публиката и во четвртиот натпревар на првенството. Црвено-жолтата боја доминираше на трибините и против Русија, а катастрофалниот резултат не ги одврати навивачите бучно да ги поздрават миленичките во финишот
|