Германија прв полуфиналист на ЕП
Сашко Ѓ. Димовски
Репрезентацијата на Германија е прв полуфиналист на осмото Европско ракометно првенство во женска конкуренција. Германките забележаа триумф и во четвртиот меч на шампионатот, прв во главната фаза, „прегазувајќи“ ја Шведска со 33:22 и со шест бода го запоседнаа врвот на табелата во групата 2. И да ги загубат преостанатите два меча со Русија и Белорусија, а една од селекциите на Македонија, Шведска или Хрватска собере исто така шест бода, Германките ќе бидат најмалку втори во групата бидејќи остварија победи во дуелите и со нашиот и со хрватскиот и со шведскиот национален тим.
Ако во првата фаза на првенството Германија оствари три победи со неубедливи игри во понеделникот против Шведска за првпат покажа заби. Скандинавките, кои од Охрид се преселија во Скопје како тим со најдобра одбрана, против Германките немаа решение. Го „преспаа“ првиот дел од првото полувреме, цели 15 минути им беа потребни да ја начнат германската мрежа, а дотогаш примија девет гола. Тоа беше решавачко за победникот во натпреварот. Најефикасна ракометарка во мечот беше Германката Грит Јурак со 10 гола, прв стрелец во поразениот тим беше Матилда Босон со 6 погодоци. Најдобрата светска ракометарка за 2006 година, Надине Краузе, го пропушти и овој дуел за германската репрезентација по повредата од средбата со Србија, но таа најверојатно ќе биде подготвена за настап денеска за пресметката со Белорусија во која Германија е апсолутен фаворит.
Убедлива победа забележа и селекцијата на Хрватска. Девојките на Здравко Зовко ја поразија Белорусија со 43:35, се израмнија по бројот на бодовите со Македонија и Шведска, и ја направија, и тоа како, интересна борбата за третата позиција во групата која води во разигрување за петтото место на ЕП 2008. Мечот меѓу Белорусија и Хрватска беше интересен 20 минути во кои белорусинките изненадувачки имаа предност. Хрватските ракометарки додадоа гас и на полувреме заминаа со плус 3 (21:18). Вториот дел беше шутерски натпревар, се играше без некоја посебна организација во одбраната на обете страни, па гледачите во салата „Борис Трајковски“ можеа да проследат вистинска голеада. На крајот беа постигнати 77 гола што е рекорд на ова првенство. |