Веле Смилевски добитник на „Велја кутија“
Поетот Веле Смилевски е годинашниот добитник на наградата „Велја кутија“ што традиционално ја доделува асоцијацијата „Македонски духовни конаци“. Одлуката годинава ова престижно признание да му се додели на Смилевски за поетската книга „Совршена тишина“, објавена во издавачката куќа „Дијалог“ од Скопје, ја донесе Управниот одбор на асоцијацијата,.
Во образложението за доделување на наградата „Велја кутија“, меѓу другото, се подвлекува: „Наградата се доделува за стихозбирката ’Совршена тишина‘, книга со конзистентен систем на естетски и онтолошки идеи. Оваа стихозбирка претставува исклучителна вредност и афирмација на македонската литература, култура и духовност“.
Наградата „Велја кутија“ на Смилевски ќе му биде врачена на Меѓународната манифестација „Македонски духовни конаци“, која ќе се одржи на 15 август во храмот „Св. Ѓорѓија“ во Струга. На свеченоста е предвидено за книгата да зборува академик Луан Старова. (Н.П.) |