„Автобуска постојка“ прогласена за најдобра претстава на „Лица без маски“
Од 5 до10 мај се одржа интернационалниот театарски фестивал за аматерски, алтернативни и експериментални театри „Лица без маски 2009“. Фестивалот понуди претстави кои по својата форма се истражувачки, експериментални и во духот на современиот концептуален театарски израз, а лудилото на денешниот модерен човек, инстант-живеењето и се' поголемата отуѓеност беа повторно тема на младите уметници од Австрија, Германија, Бугарија, Литванија, Романија, Србија и Македонија.
Традиционално и на ова издание на фестивалот беа доделени двете награди и тоа: специјална награда за театарски експеримент и главната Гран-при - „Малиот принц“, за најдобра претстава во целост, а за кои одлучуваше тричленото жири во состав: Јоке Елберс, претставник на светската театарска мрежа за аматерски и алтернативни театри и фестивали АИТА/ИАТА, Мик Ламперт, актер од Словенија, и Магдалена Ризова-Черних, актер од Македонија.
Специјалната награда за најдобар театарски експеримент ја добија претставите „Контраст“ од театарот „Independent Performance“ од Романија и „Лекција“ на академскиот театар „Бранко Крсмановиќ“ од Србија.
Гран- при „Малиот принц“ за најдобра претстава во целост беше доделена на претставата „Автобуска постојка“ од Херолд Пинтер, во изведба на театарската група „The Wild Bunch“ од Германија. Тоа е копродукција помеѓу „The Wild Bunch“ и Театарот 007 од Македонија, а која треба да се реализира и следната година. (К.Р.) |