Интервју
За влез во ЕУ моравме да се смениме
Јан Кохоут министер за надворешни работи на Чешка
И двете земји се свесни дека не може да бидеме задоволни со нивото на заемна економска соработка
Тамара Грнчароска
Чешка и Македонија традиционално имаат добри политички односи, но соработката на економско ниво не е доволно добро. Која е причината за тоа?
Можам да се согласам дека политичките односи меѓу нашите две земји се одлични и нема нерешени прашања. Но, она што го дискутиравме за време на мојата посета на Скопје не беше само за нашата поддршка на вашата земја за да стане членка на ЕУ и предусловите и прашањата кои мора да бидат решени, туку дека економските и трговските врски врски заостануваат зад интензитетот на политичкиот дијалог. Моите дискусии тука беа насочени кон тоа да се откријат областите и можните начини за зголемување на нашите економски врски и трговска размена. Јас понудив наши активности и интересот на Чешка во енергетскиот сектор, изградба на инфраструктура и заштита на животната околина. Сметам дека ваквите разговори ќе придонесат за доведување на економските врски на ниво на кое тие треба да бидат меѓу две европски земји.
Дали двете страни вложуваат доволно напори за да се надмине слабата економска соработка?
Најпрвин мора да постои политичка волја и сигурен сум дека визната либерализација за земјите од Западен Балкан, и за вашата земја, ќе стапи на сила од почетокот на идната година што ќе создаде подобри услови за луѓето од бизнис заедницата подобра да комуницираат. На наредните средби претставници на нашите стопански комори ќе бараат други начини како да се придвижиме напред, бидејќи постои голем простор за корисна взаемна соработка. Може да соработуваме во енергетскиот сектор, бев информиран за плановите како да се развие енергетскиот сектор во иднина во делот на енергетската безбедност, независност. Подготвени сме да придонесеме и да се инволвираме и во конструкцијата и развојот на енергетската инфраструктура. Ние, генерално, го имаме признаено угледот на новите технологии што се однесуваат на заштитата на животната средина. Тоа се работите кои ги понудив и кои се главен интерес на чешката бизнис-заедницата за влез во Македонија.
Интеграцијата на Западен Балкан беше една агендата на Чешка како претседавач со ЕУ. Очекувањата не се исполнија. Каде се наоѓа сега Македонија на агендата на Чешка?
Делумно би се согласил и делумно не би се согласил со ваква евалуација. За време на нашето претс��давање ние вложивме многу напори, време и енергија во еден од нашите приоритети кој беше интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Не бевме успешни како што очекувавме, но тоа не беше поради недостиг од наша енергија или намери, туку поради некаков контекст на случувањата, но ние сме многу задоволни поради визната либерализација која ја сметаме за големиот чекор напред за регионот, што ќе овозможи полесно патување во ЕУ. Исто така, се надеваме дека преостанатите прашање ќе се дискутираат за време на шведското претседавање и ние сме поддржувачи на интеграцијата на земјите од регионот во ЕУ и се надеваме на тоа.
Чешка го заврши претседавањето со Унијата пред два месеца. Оцените се дека претседавањето не беше целосно успешно. Кој е Вашиот коментар на тоа?
Не се согласувам со ова, бидејќи можам да кажам дека чешкото претседавање беше успешно претседавање. Не зборувам за промената на владата во тек на претседавањето, туку за тоа дека немаше одложување на ниту една агенда на ниту една работна група. Претседавањето помина без проблеми. Од гледна точка на квантитетот, овозможивме 50 легислативи да поминат низ Европскиот парламент. Второ е квалитетот, за што мора повторно да се погледне контекстот на чешкото претседавање - длабоката економска и финансиска криза, конфликтот во Газа, имавме гасна криза меѓу Русија и Украина, што погоди 10 европски земји. Ние бевме во можност да реагираме на сето тоа и да дадеме резултати. Проблем е што имиџот на нашето претседавање на нашата земја се поврзува со смената на власта во средината на претседавањето, но тоа е нешто друго.
Кога зборуваме за имиџ, како падот на владата во средината од европскиот мандат на Чешка влијаеше врз текот на работите и имиџот на Вашата земја?
Смената на владата испрати сигнали за политичка нестабилноста на Чешка и оти нашата земја е слаба во тој момент. Но, во демократијата владите се менуваа. Во средината од претседавањето со ЕУ можеби тоа не беше најдобро да се направи и никој, навистина, не беше среќен поради тоа. Токму поради сигналите за политичката нестабилност на земјата, деновиве се обидуваме да ги решиме и да ја поправиме ситуацијата. Ни се наближуваат предвремените избори и се надеваме дека тие ќе доведат до избор на стабилна влада, која ќе сигнализира дека ние сме стабилни и проевропски.
Во октомври Ве очекуваат избори. Дали неколкуте месеци на власт на преодната влада беа доволни некои работи да се решат или тоа беше само период на чекање на изборите?
Ние, апсолутно, не сме тука само да го чекаме тоа, иако тоа би било многу полесно за нас, но тоа не е наша намера. Првата битна задача за нас беше да се заврши претседавањето гордо и со чест и сметам дека го сторивме тоа и дека на Швеѓаните не им оставивме незавршени работи од нашите приоритети. Задачи со иста тежина беа и домашните, особено во поглед на економската ситуација. Кога ја презедовме функцијата во мај, работите изгледаа многу поразлично од денес. Тогаш проекциите беа за 2,8 проценти негативен раст на БДП, а денес се 5,8. Тоа имаше јасно влијание врз буџетот и трошоците на државата и имавме задача да го изготвиме реалниот буџет за идната година, а буџетот секогаш е една од најчувствителните и најтешките работи за решавање. Интенцијата на нашата преодна влада е да немаме буџетски дефицит поголем од 7,5 проценти, поради тоа сакаме да се држиме цврсто до она што го ветивме во нашата програма, а тоа е 5,4, но тоа нема да биде можно без да биде усвоено од чешкиот парламент и законски мерки во поглед на приливот и трошоците.
Во предизборието тоа е многу сензитивно прашање и се обидуваме да најдеме решение кое ќе биде во полза на сите граѓани во Чешката Република. Таквата наша задача е дури над политичките, бидејќи јавноста не' смета за професионалци и немаме гласачко тело, не учествуваме во кампања за изборите, нема да бидеме реизбрани на нашите функции и поради тоа предлагаме работи за кои сметаме дека се вистинскиот рецепт за проблемите.
Дваесет години по Кадифената револуција, Чешка е дел од НАТО и од ЕУ, рамноправен член на западните демократии. Дали можевте да замислите во 1989 година дека вашата земја ќе постигне толку брз напредок и дали Македонија може да извлече пример од тоа?
Не, пред дваесет години таков развој беше незамислив. Мислам никој во Чешка не можеше да замисли дека по 20 години ќе станеме членка на ЕУ и на НАТО и дека дури ќе бидеме претседавачи со Унијата. Но, тој период од 20 години беше исполнет со напори и транзиц��ја и со реформа на целото општество. Поради нашата цврста намера да станеме НАТО и ЕУ-членка, моравме самите себе да се смениме и, според мене, тоа е нешто што може да важи, генерално, за сите.
|