03.09.2009, 17:56 Отфрена иницијативата за референдум за црквата
Иницијаторите сметаат дека законот погрешно е толкуван
Деспина Трајковска
Неуредно доставена и неусогласена со законот. Со вакво образложение мнозинството на Советот на Општина Центар вчера не ја прифати иницијативата за распишување референдум на кој граѓаните на Центар ќе одлучат дали на скопскиот плоштад да се изгради црква „Свети Константин и Елена“ или кој било друг верски објект.
Ваквата одлука беше донесена по речиси тричасовни дискусии, надмудрувања, игри на зборови, во моменти напната атмосфера поради што седницата имаше и неколку прекини заради консултација на советничките групи.
Ситуацијата ја „пресече“ советникот Иванчо Вучевски од НСДП, кој предложи Советот да изгласа дека граѓанската иницијатива не е уредна и поднесена според закон, таа да се стави во мирување, а на подносителите на иницијативата да им се даде можност да ја обноват постапката согласно со законската регулатива, па повторно да ја достават до Советот на разгледување. За одлуката гласаа 12 советници, а пак 11 беа воздржани „Јас ја поддржувам иницијативата, но, сепак, сметам дека таа треба да се обнови и да се формулира, односно да се достави согласно со законот“, дополни Вучевски, чиј глас беше пресуден пак да „падне“ предлогот на советничката група од СДСМ за дополнување на дневниот ред на седницата со предлог-одлука за распишување референдум, навидум идентична точка како првата. Седницата се отвори со точка за разгледување на иницијативата, што значи само материјална расправа, но без конечна одлука дали да се распише референдум.
„Констатиравме и дека иницијативата не е уредна, па затоа поднесовме предлог-одлука за распишување референдум, но таа не се изгласа. Дали тоа значи дека ВМРО се плаши од јавното мислење, од граѓаните кои ги бираа. Само да потсетам дека нивниот лидер, премиерот Груевски, е токму тој кој неколкупати досега, кога на пример станува збор за прашањето за името, потенцира дека референдумот е демократско право на сите граѓани“, изјави по седницата Јован Тагасовски, координатор на советничката група на СДСМ. Во името на своите колеги, тој истакна дека ја поддржуваат иницијативата и се противат на каква било изградба на верски објекти на скопскиот плоштад.
Претставниците на здружението „Плоштад слобода“, кои бараат да се распише референдум, ја следеа вчерашната расправа, разочарано, но со уште поголема мотивација истакнаа дека ќе продолжат во остварувањето на своите намери.
„Ова е само уште еден механизам од многуте за да не' замолчат. Одредбите од законот на кој се повикуваат се однесуваат за граѓански иницијативи што се однесуваат на државно ниво, а во случајов станува збор за локално ниво. Независно од се', лесно ќе ги собереме потребните потписи пред Министерството за правда и повторно ќе ја поднесеме иницијативата“ истакнаа нејзините подносители.
Во законот, за референдум кој се распишува по граѓанска иницијатива на локално ниво стои дека граѓаните ги даваат потписите пред органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачко право и на начин определен согласно со член 70 од законот. Токму на таа одредба се повикуваа советниците од ВМРО-ДПМНЕ, но дел од неа, пак, вели „на начин определен согласно со член 70 од законот“, а во него, пак, стои дека потписите на граѓаните се даваат на образец пред органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право. Но, оваа одредба се однесува на иницијатива на државно ниво.
„Меѓу потписите има и граѓани од други општини, односно градови. Сметам дека списокот треба да се преиспита, односно целата постапка да се повтори, бидејќи не е во согласност со законот, процедурата не е испочитувана“, рече, меѓу другото, на седницата Владимир Бахчовановски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој истакна дека владејачката партија не се противи на иницијативата, туку единствено сака целата постапка да се спроведе согласно со законските одредби, односно потписите да се собрани како што налагаат нормативите.
По седницата, градоначалникот Владимир Тод��ровиќ не сакаше да ги коментира случувањата на неа и конечниот исход. (Дс.Т.).
|