Само вложувањето во образованието води напред
Еднаквоста и ефикасноста во образованието се едни од основите на реформските процеси
Тамара Грнчароска
Без оглед дали постои криза, сепак, во образованието мора да се вложува, порача вчера еврокомесарот за образование, обука, култура и млади, Јан Фигел, кој вчера и денеска престојува во нашата земја по повод одржувањето на 14. Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот. Фигел во контекст на образованието, како фактор на обединување, рече дека „Европа не е само пазар и географија, туку и култура и луѓе, и ние треба да живееме заедно во нашата разновидност“.
Притоа, тој информираше дека од идната година Македонија ќе стане дел од најпопуларната европска образовна програма „Еразмус“, што ќе придонесе за модернизација на македонскиот систем на високото образование. Тој информираше дека само оваа година за земјите од Западен Балкан програмата предвидела 20 милиони евра за студентите, кои студираат на европските универзитети.
По средбата со Фигел, македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања, Васко Наумовски, посочи оти го информирале еврокомесарот дека образованието е еден од приоритетите на македонската Влада, како и тоа какви чекори се преземаат во таа област во однос на подигнувањето на стандардите и компетитивноста на македонските студенти.
Прашан дали има информации за партиските отпуштања во образованието во земјава, Фигел одговори дека не е информиран, додавајќи дека „секоја земја има свој посебен систем за образование и се соочува со свои проблеми“. Сепак, според него, само вложувањето во образованието води напред, исто како и во другите области. „Еднаквоста и ефикасноста во образованието се едни од основите на реформските процеси, кои водат кон квалитет во образованието“, рече Фигел. Според него, од големо значење за Македонија е и визната либерализација, која ќе доведе до поголемо комуникација и соработка меѓу луѓето.
Фигел вчера остави средби и со министрите за образование и за култура, а за вечерта беше предвидено заедно со премиерот Никола Груевски да го отвори Европското културно биенале, што се одржува во нашата земја. |