Со Белорусија за висок пласман
Тимот што го елиминира Македонија во баражот за СП пријатно изненади во првиот круг на ЕП
Роберт Димитриевски
Македонските ракометарки вечерва од 20,15 ч. против Белорусија ќе го затворат вториот круг од 8. Европско првенство. По дознавањето на противниците во групата од втората фаза преовладуваше мислењето дека токму Белорусинките се најреалната шанса на домаќинот за нови бодови. Според некои пресметки, победата во денешниот дуел од третото и последно коло би значела и најмалку повторување на најголемиот успех на еврошампионатите - пласманот меѓу осумте најдобри во Холандија 1998 и во Романија две години подоцна. Сега на избраничките на селекторот Владимир Глигоров им преостанува да ја оправдаат фаворитската улога против ривалот што го елиминираа во баражот за ланското Светско првенство во Франција. Тогаш Македонија го доби првиот меч во Скопје со 26:21, а во реваншот во Могилев загуби со 25:21.
„И во тој двомеч Македонија се сметаше за фаворит, но помина за само еден гол. Оттогаш наваму Белорусинките напредуваа, за што потврда е пласманот на ова првенство, како и ремито со Шведска на стартот, а силен отпор и' дадоа и на Русија. Сето ова зборува дека нема да имаме лесна задача, но верувам дека девојките ќе соберат сили за да го завршат настапот во вториот круг со победа“, вели Глигоров.
„Одигравме добри натпревари во првата рунда и ја остваривме главната цел со пласманот во втората, но потоа турнирот стана пренапорен за моите играчи. Како да им снемува сила. Уморни се“, се жали белорускиот селектор Константин Шароваров, легендарно крило на некогашниот Советски сојуз, со кого стана олимписки шампион во Сеул 1988. Конкретно, за дуелот со Македонија, Шароваров изјави: „Одигравме подготвителни натпревари со нив, но Европското првенство е сосема различно. Шест илјади гледачи ќе навиваат за нив“.
Белорусија го освои третото место во прелиминарната група Ц, каде што прво ремизира 21:21 со Шведска, потоа загуби со 29:26 од Русија и на крајот ја декласира Австрија со 31:21. На стартот од вториот круг пораз од Хрватска од 43:35, иако во 21 мин. водеа со 15:13, но потоа дозволија серија на противникот од 7:0 и тука практично се предадоа.
Најдобар играч е пикерот Наталија Платанович, која на четири меча на ЕП постигна вкупно 19 гола, но од само 23 обиди. Втор стрелец во тимот е средниот бек на Мотор Запорожје, Ирина Махилина, која досега на првенството има 14 погодока, а на голот е Алесија Сафонова, која имаше неуспешна епизода во Кометал Ѓорче Петров.
Селекцијата на Шароваров до ЕП во Македонија стигна со елиминацијата на Словенија во баражот. Во првата средба во Минск победија со 29:25, а во возвратната во Целје беше нерешено 25:25. Претходно, успешно ја поминаа квалификациската група со Исланд, Грција, Литванија, Босна и Херцеговина и со Израел, иако на стартот беа изненадени од Исланѓанките.
Ова е четврто учество на Белорусија на европските првенства. Во дебито во Романија 2000 заврши претпоследна меѓу 12 земји-учеснички, а во групата ремизира 27:27 со Македонија. Две години подоцна во Данска беа 16., пласман што го повторија и во Унгарија 2004.
Денеска на ЕП
Група 1 (Охрид): Унгарија - Шпанија (16,15 ч.), Данска - Украина (18,15 ч.), Романија - Норвешка (20,15 ч.).
Група 2 (Скопје): Шведска - Хрватска (16,15 ч.), Русија - Германија (18,15 ч.), Белорусија - Македонија (20,15 ч.).
Резултати и табели
Група 1 (Охрид), прво коло: Романија - Шпанија 18:26, Данска - Норвешка 19:31, Унгарија - Украина 26:24.
Табела: Норвешка 5, Шпанија 4, Романија 4, Унгарија 3, Данска 1, Украина 1. |