Велики Трновац – хероинско царство на Балканот
Се проценува дека во ова место во јужна Србија се стационирани три тони наркотици
БЕЛГРАД - Главен дистрибутивен центар за трговија со наркотици за Балканот е местото Велики Трновац во општина Бујановац на југот од Србија, покажуваат податоците на српската полиција. Процените велат дека со шверц на дрога се занимаваат околу 5.000 Албанци од тој дел на Србија.
Приказната за Велики Трновац како главен пункт за наркотици повторно се актуализира пред неколку дена кога во акција на полицијата беа запленети пет килограми хероин, со вредност од над 300.000 евра. Уапсени беа Абдула Амети (29) од Прешево и Шабан Хазири (50) од Велики Трновац.
Следењето на активностите на оние жители на Велики Трновац, за кои постојат податоци дека се занимаваат со трговија со дрога, уште еднаш се покажа ефикасно. Податоците на полицијата дека Велики Трновац со години е најголемиот дистрибутивен центар за дрога на Балканот се совпаѓаат со извештаите на Интерпол. Според тие податоци, во Велики Трновац во секој момент за испорака се подготвени три тони хероин.
За Трновац знаат и во италијанскиот Центар за борба против мафијата (ДИА). Тие во неодамнешниот извештај изнесоа податок дека речиси 70 проценти од дрогата наменети за западноевропскиот пазар се шверцува преку Прешево и Велики Трновац. Според тој извештај, шверцот е главна работа на околу 5.000 Албанци од тој дел на Србија, а целокупниот шверц со дрога го контролираат фамилиите Османи, Халифи и Буњаку. Италијанците во истиот извештај напишаа дека иако се знае дека тоа подрачје е полно со криминал, никој не може да застане на патот. Европските полиции немаат право да дејствуваат на подрачјето од Србија, а службите во Србија не можат адекватно да интервенираат.
Значи, сите светски полиции го знаат тоа, ама се чини дека никој не може да продре во селото. Некои процени велат дека тие три тони складиран хероин деноноќно го чуваат до заби вооружени Албанци, но доверливи извори, всушност, и нема.
Еден инспектор во полиција, кој е добро упатен со ситуацијата на југот од Србија, објаснува дека полициските акции во Велики Трновац се тешко изводливи, бидејќи целото село е вклучено во тој богат наркобизнис. Речиси сите мештани се роднински поврзани, па меѓу нив е невозможно да се вметне агент или шпион, а селските стражи се толку добро организирани и поставени, па никој не може незабележано да се приближи до Трновац. Тоа го покажува и минатонеделната заплена на хероин, кој не беше пронајден во Трновац, ами на наплатна рампа кај Белград. Таа заплена претставува и пресекување на уште еден канал за шверц на хероин, кој се протега на северниот правец од т.н. балкански пат на дрогата.
Велики Трновац има одлична географска положба и се наоѓа во непосредна близина на границата со Бугарија, Македонија, Косово и со Албанија. Поради тоа, таму се слева голем дел од хероинот од Пакистан, Авганистан, Иран и од Турција. Дрогата тука се складира и се препакува, а потоа се пренесува понатаму. Пороцените се дека од Трновац годишно се дистрибуираат меѓу 50 и 60 тони хероин, а двата главни шверцерски коридора се преку Албанија и Црна Гора кон Италија и преку Србија кон западноевропските земји.
На сите што се занимаваат со наркопазарот, ситуацијата им се разјаснува кога ќе дознаат дека Велики Трновац и Бујановац се во непосредна близина на граничните премини, кои Србија ја поврзуваат со југот на Европа, Азија и Блискиот Исток, каде што се вкрстуваат наркомагистралите што водат кон Велики Трновац. (Политика) |