МВР го фати малолетникот силувач
Четиринаесетгодишник кој силуваше своја врсничка, по неколкудневното бегство, приведен е од страна на полицијата. Како што дознаваме, припадници на МВР завчера попладне го пронашле малолетникот во близина на неговиот дом во Скопје. При приведувањето не давал отпор. Во текот на вчерашниот ден тој е изведен пред истражен судија, при што требало да ги објасни случувањата од пред осум дена. Тој, заедно со уште двајца пријатели, осомничен е дека силувал 14-годишна познајничка. Бидејќи станува збор за малолетни лице, не му е одреден притвор и е пуштен да се брани од слобода.
Девојчето минало низ вистински пекол откако тројцата насилници го киднапирале среде бел ден, го врзале со лисици и потоа цела ноќ го силувале и го малтретирале во Парк-шумата „Гази Баба“ во Скопје. Полицијата ги приведе А.З. (27), С.А. (36), кои се регистрирани деликвенти, но неколку дена трагаше по малолетникот, кој се познавал со жртвата и учествувал во изживувањето.
Како што веќе објавивме, грозоморниот настан се случил на 4 мај. Двајцата насилници го пресретнале девојчето, го врзале со лисици и го однеле во пошумениот дел на Гази Баба. Таму го силувале се' до доцните вечерни часови, кога се појавил и третиот насилник, 36-годишниот С.А. Голготата на малолетничката траела 12 часа. (Д.Т.) |