Бајруш Сејдиу бара да му се одложи судењето поради мозочен удар
Судењето за случајот „Пепел“ продолжи со распит на сведоци
Тутунскиот бос Бајруш Сејдиу во почетокот на вчерашното судско рочиште за случајот „Пепел“ се пожали дека претрпел мозочен удар, поради што не бил способен да го следи судењето. Неговиот адвокат Саво Коцарев побара одложување на процесот поради тешката здравствена состојба на својот клиент. Но, судијката Лидија Неделкова го одби барањето и го продолжи процесот и покрај негодувањата на Сејдиу и неговиот бранител.
Судскиот процес за случајот „Пепел“, во кој покрај кумановецот Сејдиу се обвинети уште триесетина лица, продолжи со распит на првите сведоци. Поранешни работници во Тутунскиот комбинат во Куманово во салата на Апелациониот суд во Скопје сведочеа дека комбинатот работел најнормално додека не го презел Сејдиу. Во негова сопственост, работниците зачестено биле викани во ноќна смена, тврдеа сведоците.
Изминативе недели сведочеа обвинетите кои негираа дека во комбинатот се работело криминално.
Според обвинението, Сејдиу како мнозински сопственик на ТК „Боро Петрушевски-Папучар“ во Куманово со соработниците направил план и организација за нелегално производство на различни марки цигари на чии кутии се ставале фалсификувани бандероли и се пуштале во продажба.
Бајруш Сејдиу беше уапсен при обид да избега од државава, а во полициската акција, која траеше четириесетина дена, беа уапсени другите осомничени лица. (Г.А.) |