Брoj 2791  петок, 19 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Стареење

Илија Ацески

Модел на популациона политика во услови карактеристични за Македонија е можен само ако државата се третира како една целина

Македонија е длабоко навлезена во процес на демографско стареење, што значи дека е во фаза во која е доведена во прашање репродукцијата на населението. Како што покажуваат демографските истражувања, земјата во блиска иднина може да се соочи со намалување на населението, што ќе има тешки последици за нејзиниот севкупен развој. Причините за демографската стагнација на Македонија се сложени и најголем дел се карактеристични за земји кои се наоѓаат во слична состојба на развој. Пред се', според согледувањата на демографите и социолозите, станува збор за причини кои се поврзани со социо-економскиот развој на државата по деведесеттите години кога Македонија влезе во процес на транзиција кој, главно, се карактеризира со: стагнација на економскиот развој, појава на висок процент невработеност, еден од најголемите во Европа, низок БДП, кој се' уште е под нивото од пред осамостојувањето, чувство на бесперспективност, особено кај младата популација која е се' повеќе ориентирана кон мигрирање во западните развиени општества и многу други фактори. Сите тие негативно влијаат врз демографските карактеристики на населението во секој поглед: од несоодветна распределба во просторот, односно депопулација на одредени региони, па се' до виталните карактеристики, старосната структура, фертилитетот и слично.

За тоа каква популациона политика и' е потребна на Македонија, имајќи ги предвид специфичностите на развојот, особено по настаните од 2001 година, кога може да се говори за конкретен модел на мултиетничка држава, основите врз кои треба да се гради една популациона политика радикално се менуваат: уште повеќе ако се има предвид фактот на постоење два реални модела на репродукција на населението во државата во поглед на етничката припадност на населението. Едниот, кој е карактеристичен за Македонците и некои помалубројни етнички групи, со ниска стапка на наталитет и кој не овозможува проста репродукција и, вториот, кој е крактеристичен за Албанците, Турците и Ромите со мошне високо ниво на репродукција. За жал, во ниеден труд етничката компонента, иако нејзиното значење се зема за релевантно во конципирањето на популационата политика, не е земена сериозно и е нејасна целта на моделот во кој една од компонентите е со етнички предзнак.

Модел на популациона политика во услови кои се карактеристични за Македонија е можен само под претпоставка ако државата се третира како една целина. Тоа во голема мера ќе ги анулира сите недоследности кои може да се појават во: категоризациите на просторот и на населението и сите ќе бидат ставени на исто ниво, но со можност за дополнителни мерки кои се однесуваат, на пример, на развиеноста на општината, стапката на наталитет или степенот на хомогенизација на населението во однос на етничката припадност на еден простор. Но, тие не треба да бидат земени предвид во дефинирањето на главните критериуми во поставувањето на целите на популационата политика.



Моделот во кој етничката димензија има централно место тргнува од позицијата на реално постоење двоен модел на репродукција. Популационата политика има една и единствена функција: обезбедување нормална репродукција на населението во функција на задржување на демографскиот баланс во однос на етничката припадност. Се разбира, треба да се нагласи, за да нема некое недоразбирање кога станува збор за слободата на раѓање, дека никој нема право со некакви мерки кои излегуваат од рамките на човечките права да му наложува некому да раѓа или да се воздржува од раѓање - тоа право е дел од неотуѓивите човекови права и слободи.

Во периодот 1953-1994 најголем пораст, изразен во апсолутни големини, имаат Македонците, но тој процентуално е релативно мал и изнесува само 50,6 отсто; кај Албанците тој се приближува кон две третини од оној на Македонците, или нивниот вкупен пораст изнесува 171,4 отсто, што е за три пати повисок од оној кај Македонците. Пописот од 2002 покажа дека Македонците во периодот 1994-2002 година се зголемиле само за 2.017 лица, наспроти Албанците кои се зголемиле со 67.979 лица, што претставува 88,7 отсто од вкупниот пораст на населението во земјата во периодот помеѓу двата последни пописа. Стапката на живородени се движи од 0,3 кај Власите до 31,5 кај Ромите, кај Албанците таа е 19,9, а кај Македонците 10,5 промили.



Прашањето што се поставува, а нужно произлегува од изнесените податоци, е од клучно значење за разбирањето на карактерот на популационата политика. Имено, каков модел на популациона политика е пожелен за Македонија и што ќе треба да се постигне со него во иднина, како и врз кои принципи тој е реално остварлив.

Целта не е само популациона политика која обезбедува репродукција на населението, односно зголемување на природниот прираст сам по себе, туку создавање услови за одржување на демографскиот баланс меѓу етничките заедници, каде што Македонија се третира како целина. Мерките на популационата политика во тие околности се однесуваат за сите, без разлика каде живеат, на која националност, религија или вера припаѓаат, или развиеноста на регионот и хомогеноста на населението во однос на националноста. Единствен критериум според кој државата треба да се раководи во реализацијата на популационата политика е бројот на децата: со секое дете, а најмногу до три, жената и семејството ги добиваат сите погодности, кои, се разбира, треба прецизно да се дефинираат и да бидат доволни за одгледување здрави деца; над тој број жената и семејството треба да ги сносат трошоците за одгледување на децата, во секој поглед.



Со тоа не се доведува слободата на раѓање, дури семејството (и жената пред се') треба да се охрабрува да има повеќе деца, но бенефициите кои ги овозможува државата од буџетот во материјална смисла треба по третото дете да му се одземат. Дури, државата треба да ги поттикнува невладините организации да помагаат, но не треба да се трошат буџетски средства за таа намена. Имено, во Македонија е можна популациона политика за која единствено бројот на децата е најважниот и единствениот критериум по кој државата треба да ги дефинира своите обврски спрема оние жената и семејството) кои се одлучиле да раѓаат по три деца. Таа е пронаталитетна, но во исто време е ограничувачка во однос на бројот на децата, го определува максималниот број за кој е подготвена од буџетот да го плати тоа во име на сите даночни обврзници и притоа да не се прашува дали некој живее во развиени или неразвиен регион, дали во регионот или општината, има висок или низок наталитет или, пак, општината или регионот е населен претежно од припадници од една етничка група, со што ќе биде ослободена од критики дека некои ќе бидат фаворизирани за сметка на други или, што е уште позначајно, дали некој припаѓа на една или на друга националност и слично. Тоа во голема мера ќе ја поедностави реализацијата на моделот и ќе се избегне претераното администрирање во контролата на потрошените средства.

(Авторот е универзитетски професор,

а текстот е дел од излагање на научен собир)


Статијата е прочитана 786 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 19.09.2008 08:50:01
Prvo ne e tocno deka Makedonija staree. Naprotiv natalitetot vo Makedonija e daleku povisok od prosekot na Evropa. Toa sto natalitetot e izrazen samo kaj odredeni etnicki grupi(Albanci i Romi prvenstveno) a kaj Makedoncite toj e katastrofalno nizok, neznaci deka vo drzavava nema zgolemena reprodukcija. Nas vo stranstvo ne gledaat kako celina, kako gragani na FYROM(za zal) i ne gi interesira dali poveke se ragale Makedonci ili Albanci, gledaat prosek na drzavno nivo, a toj e visok vo sporedba so EU. Vtoro, toa sto 80% od Albanskoto naselenie vo RM nema tapii i legalni dokumenti za imotot sto go poseduvaat vo RM a stanbeno se najmalku zagrozeni(celi sela im se divogradbi i na uzurpirano zemjiste)im ovozmozuva po "komotno" da si se odnesuvaat. Mnogu raboti vo ovaa drzava se neregulirani po ova prasanje i potrebna e hitna rekonstrukcija.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Насловна
Економијата во вториот квартал порасна за 6,5 отсто
Судир на медиумската десница
Непотребен конфликт
Зденко
Претходен број
Македонија ги доби забелешките од ЕУ пред финалниот извештај
Полицијата приведе 21 професор на Универзитетот во Загреб
Кошаркарите се избламираа во Португалија
Мижитатара осигурување
Изборните предмети заглавија во судовите
НАТО нема да ја проблематизира поканата за Македонија
Ем шуто ем боде
Рен бара во ЕУ поддршка за проширувањето
Од досието на Владо Танески недостига важен документ
Verbatim