Судир на медиумската десница
Зошто Бојо Андревски и Велија Рамковски, обајцата блиски до власта, влегоа во медиумска војна
Светлана Унковска
Минатонеделната бомбастична најава од правниот застапник на групацијата „Андревски“ за преземање на весниците „Време“ и „Шпиц“ кои се во сопственост на македонскиот медиумски магнат Велија Рамковски, поради долг од 200 илјади евра, предизвикаа низа шпекулации. Јавноста наголемо коментира дека отворените препукувања меѓу нив се само одмерување на силите и суетите на двајцата бизнисмени со политички амбиции кои се блиски до владејачката десничарска гарнитура.
Директен повод за препукувањата биле ТВ-прилозите на А1 телевизија во кои е објавено дека незадоволни студенти и професори го напуштале Европскиот универзитет чиј сопственик е Бојо Андревски. Но, серијалот меѓу него и Рамковски трае од поодамна.
Рамковски е сигурен во себе и вели дека ваквите закани за него се смешни и само нечија пуста желба. Андревски, пак, потврдува дека ќе оди докрај со преземањето иако, според него, вредноста на весниците била мала и не го покривала долгот.
Војната на отворена сцена меѓу Бојо Андревски и Велија Рамковски тлее со години наназад, но последниов месец почна да добива поинакви димензии. И двајцата се сопственици на медиуми и моќни бизнисмени. Рамковски, кој ги поседува телевизиите А1, А2, весниците „Време“ и „Шпиц“ и печатницата „Мисирков“, е медиумски понадмоќен од Андревски, кој го има само весникот „Вечер“ и печатницата „Цетис“. Посредно или непосредно, и двајцата се во профитабилниот бизнис со универзитетите. Додека Андревски е сопственик на Европскиот универзитет, Рамковски медиумски го поддржува универзитетот ФОН на Фијат Цаноски, со кого се во сватовска врска: ќерката на Рамковски е мажена за синот на Цаноски.
Недоразбирањата меѓу двајцата, како што тврдат упатените, започнале уште во времето кога „Цетис“ ги печатела „Време“ и „Шпиц“, но проблемот, наводно, бил во лошиот квалитет на колор-страниците, поради што многу од фирмите кои имале реклами реагирале и одбивале да платат за нив. Тука започнала и кавгата меѓу нив, а доставените фактури за печатење останале неплатени. Фирмата „Цетис“ поднела тужба, а во мај годинава го добила спорот со одлука долгот од околу 200 илјади евра за печатење на двата весника да и' бидат исплатени на печатницата во со��ственост на Андревски.
Но, сепак, тука не запира целата пресметка, па Андревски против Рамковски и раководителите на весниците и издавачот кон крајот на август годинава поднесе кривична пријава. Рамковски ја манифестира нервозата со тоа што на вестите на А1 телевизија е објавено дека студенти на Европскиот универзитет, поради незадоволство од големите трошоци и слабиот фонд професори, го напуштале универзитетот, по што набрзо Андревски врати со прес-конференција на која неговиот правен застапник објави преземање на весниците „Време“ и „Шпиц“ и јавно ги обелодени кривичните пријави за измама поднесени до Одделението за организиран криминал на скопското јавно обвинителство и на тој начин оцрнувајќи го уште повеќе.
Андревски потврдува дека со преземањето на весниците ќе оди докрај иако, вели, нивната вредност не го покривала целосно долгот.
„Весниците не вредат толку пари, но поаѓајќи по старото, подобро нешто отколку ништо, се одлучив на овој начин да го наплатам долгот, според Законот за наплата на долгот. Ако Рамковски не е сопственик на весниците, зошто тогаш доаѓаше и преговараше во ’Цетис‘“, вели Андревски. На прашањето зошто на овој начин води медиумска војна со Рамковски, вели дека за него тој едноставно не бил достоен за да му објави медиумска војна, но поради тоа што долго време се чекало на извршното решение на судот и со оглед на тоа што работите не мрднувале, се одлучил „јавноста да ја запознае со криминогените постапки“.
„Македонија не може да оди напред доколку извршни судски решенија не се наплатуваат повеќе од пет месеци, а правните субјекти кои должат нормално функционираат. Сигурен сум дека оваа Влада нема да го дозволи таквото однесување на поединци, кои се уплашени да постапат и наплатат правосилна пресуда. Јас верувам во институциите на системот“, вели Андревски.
Рамковски, кој во ниту еден момент не го негираше долгот, прашан од медиумите како гледа на кривичната пријава, тогаш само кратко одговори дека тој не фигурира како сопственик и затоа пријавата, според него, е беспредметна, иако само пред неколку дена од позиција на сопственик го смени главниот уредник на „Шпиц“, Бранко Героски.
Тој за „Утрински весник“ самоуверено додава дека сето ова е само фарса која ќе помине, а преземањето на весниците ќе остане пуста желба не само на Андревски туку и на многумина.
„Арно не рече дека и печатницата и телевизијата ќе ги земе. Тој е една обична будала кој си ги губи студентите и професорите. Слободно цитирајте ме, ова не го сметам како никаков напад, сето ова ќе помине. Не се плашам дека може да ги земе весниците, затоа што постојат закони и освен неговата нема да им се оствари желбата и на другите весници кои не посакуваат да постојат ’Време’ и ’Шпиц‘“, револтирано и нервозно коментираше Рамковски.
Изненаден од кривичната пријава беше и поранешниот главен и одговорен уредник на „Време“, Георги Барбаровски, еден од оние кои заработи пријава за измама.
„Јас деновиве бев во Охрид, кога ми пренесоа дека против мене е поднесена кривична пријава. Не знам за што ме обвинуваат, најверојатно нешто ја побркале работата затоа што јас бев главен и одговорен уредник и не сум тој што потпишува договори или фактури. Со Бојо Андревски немам ништо, никаков договор и се знае за што одговара главниот уредник на еден весник. Се разбира, не за финансиските проблеми“, изјави Барбаровски.
Извори од весникот потврдуваат дека бил направен долг, но истовремено тврдат дека печатницата „Цетис“ користела нивна хартија и дека на А1 и во „Време“ одела реклама чија вредност, наводно, соодветствувала со висината на долгот. Ваквите информации ги демантира Стево Меноски, адвокат на групацијата „Андревски“, според кого доколку имало вакви договори, тогаш судот поинаку би пресудил. |