НАТО нема да ја проблематизира поканата за Македонија
Алијансата очекува да се реши главниот проблем за членството – решавање на спорот за името
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - НАТО не размислува да ја повлече или проблематизира условената покана за прием на Македонија и сите шпекулации околу тоа во нашата држава немаат основа.
Ова е тврдењето на висок претставник во НАТО, според кого сите овие тврдења се „целосно некоректни“, бидејќи земјите-членки во Алијансата сакаат што побрзо да се реши спорот и да се активира одлуката донесена на Самитот во Букурешт во април.
„Нема ништо што би ги потврдило овие шпекулации. На 6 октомври ќе има состанок на високиот Политички комитет со делегација од Македонија што ќе ја претстави годишната Национална програма, на која работат од август. Не знам за каков било друг состанок на кој би се отворило прашањето околу поканата на Македонија и на кој одлуката за неа би била ревидирана. Напротив, сигурен сум дека сите земји-членки ќе сакаат да ја видат Македонија што побрзо во Алијансата и нема да има чекори назад“, изјави овој претставник на НАТО за „Утрински весник“.
Според него, по 6 октомври ќе се има подобра слика за ставовите во НАТО и за амбициите на нашата Влада, а особено за состојбата околу решавањето на спорот со името, но повеќето членки се песимисти дека наскоро ќе има епилог од преговорите во Њујорк. Ако не се дојде до решение, додаде тој, нема поента на декемврискиот министерски состанок воопшто да се разговара за Македонија.
„Апсолутно нема поента и би било понижувачко и во ничија корист да се преиспитува дали треба да важи и натаму поканата за прием или не поради новите политички состојби во земјата кои, според мене, немаат ефект на одлуката од Букурешт“, изјави овој висок претставник на Алијансата.
Генерално, ваквиот тек на настаните изгледа неверојатен и поради се' уште цврстата поддршка на САД на приемот на Македонија, кои вложија неколку години напори и енергија таа да се материјализира во Букурешт, па нема да дозволат да биде сменета одлуката, особено сега по случувањата во Грузија. Со оглед на тоа дека таа беше донесена на самит, односно на ниво на лидери на земјите-членки, тоа е нивото на кое евентуално би се ревидирала, што е многу неверојатно да се случи освен ако сите земји не решат да направат силен притисок врз Македонија да попушти околу спорот. Неформално, Македонија има шанси да им се приклучи на Албанија и на Хрватска ако до декември го реши спорот со Грција, дотолку повеќе што и ратификациите за овие две земји се побавни од очекувањата. |