Рен бара во ЕУ поддршка за проширувањето
Комесарот за проширување наброја три клучни услови за Македонија
Брисел - Реформите во судството, јавната администрација и изборните стандарди ќе бидат трите клучни нешта според кои Европската комисија ќе го оценува напредокот на Македонија, порача вчера од Прага еврокомесарот Оли Рен, додавајќи дека дилемата ќе има ли датум за преговори или не ќе зависи од перформансите на државата.
Рен ја нарече следната 2009 година како клучна за регионот на Западен Балкан, практично лобирајќи во Прага за тргање на кочниците за проширувањето и за поголема поддршка на процесот, кога од 1 јануари Чешка станува претседавач со Унијата.
„Идната 2009 година треба да биде година на Западен Балкан и на источното партнерство“, изјави Рен, забележувајќи дека улогата на Унијата не е само да се занимава со кризен менаџмент туку и да работи на среднорочна стратегија за да осигура безбедност и стабилност на двата региона. „Ирското ’не‘ на Лисабонскиот договор го отвори прашањето за иднината на проширувањето, во смисла ќе има ли тоа ефект на овој процес. Не би смеело, бидејќи проширувањето немаше никаква улога во негативниот исход во Ирска. Тоа не треба да се користи како појас за спасување околу резултатот, исто така. Нам ни треба Лисабонскиот договор за да функционира ЕУ подобро“, изјави тој, додавајќи дека ЕУ не може да се откаже од фундаменталните интереси на своите граѓани, односно мирот и просперитетот.
Притоа, даде оцена за сите земји во регионот, оценувајќи дека без исклучок тие се подготвуваат за членство, иако останува уште многу да се направи околу корупцијата, јавната администрација и судството. Па, најави дека Хрватска најверојатно ќе ги заврши технички преговори на крајот на идната година, дека Србија може да добие кандидатски статус следната година, а најнапредните меѓу нив да добијат ослободување од визите пред крајот на 2009 година. Куриозитетно е дека Рен не најави никаков прогрес за Албанија (покрај БиХ и Црна Гора), освен пораката дека треба да ја исполни Спогодбата за асоцијација и стабилизација, иако Тирана со години чека да мрдне напред во евроинтеграцијата. (С.Ј.) |