Поглед
Мижитатара осигурување
Александрија Стевковска
Тамам на возачите им „легна“ на контото идејата дека сумата за осигурување на нивните возила ќе се намали за 30 отсто, осигурителните компании рекоа пу- пу не важи. Така преку ноќ процентот на намалувањето се стопи, што само докажа и покажа дека сите станаа актери од сапунска опера - и Владата и осигурителните компании- а граѓаните се турнати во бунилото на проценти, на кое никој не може да му фати крај.
Значи, клучното прашање е колкаво е поевтинувањето на осигурувањето возила? По се' изгледа, да се одговори да ова прашање е еднакво на можноста да се добие на лото, колку посакувано, толку и невозможно. Во превод, намалувањето на цената на осигурување на возилата испадна дека е популистичка метода која внесе само поголем хаос кај сите, бидејќи сите три страни кои учествуваат во оваа епизода не си ги знаат улогите што треба да ги играат. На крајот од почетокот на овој серијал испаѓа дека Владата не мислела дека 30 проценти намалување ќе бидат 30 кога ќе се добие крајната цена за осигурување, туку намалувањето се однесувало само на техничката премија. Осигурителните друштва пресметале дека 30 отсто ќе се стокмат кога тие ќе го вкалкулираат и процентот што како попуст тие го давале претходно. А, на граѓаните и ништо не им останува за пресметување, бидејќи едни им даваат, други им земаат, а тие, со прстот в уста, сфаќаат дека политиката и бизнисот уште еднаш преку нивни грб, ги бијат своите битки.
Допрва ќе видиме кој последен ќе се смее кога оваа комедија ќе се претвори во трагедија доколку граѓаните сами ќе си ги плаќаат штетите во случај на сообраќајни незгоди, дури и кога нема да бидат виновни. Така, мерката наместо да го намали бројот на нерегистрирани возила, може да има сосема поинаков епилог - нивниот број уште повеќе да се зголеми. |