Кошаркарите се избламираа во Португалија
Македонија загуби од ривалот што пред десет дена го декласира со 37 поени разлика
Роберт Димитриевски
Кошаркарските репрезентативци на Македонија можеби утревечер ќе ја совладаат Естонија и со тоа ќе се пласираат на Европското првенство што в година ќе се одржи во Полска, но со поразот од 81:71 од Португалија во Коимбра им го „скршија“ меракот на заљубениците во кралицата на игрите во државава. Не им е ни прв ни последен да загубат на гостински терен, кој и во квалификациите за претходното ЕП им беше голем проблем, но овој пат се надминаа себе си, бидејќи истиот противник само десет дена претходно го „прегазија“ во Скопје со 85:48. Згора на тоа, Португалците беа декласирани и од Летонија со 79:43 во Рига, како и дома од аутсајдерот Естонија со 79:70.
Најжално од се' е што домаќинот, освен за престиж, немаше за што да се бори во овој меч, бидејќи најмногу на што можеше да се надева беше третото место во групата. Победата за гостинот, пак, значеше дефинитивна европромоција и задржување на првото место во групата, кое носи полесни ривали на ЕП.
Бламажата е логична последица на катастрофалниот почеток на средбата, кога тимот што првата четвртина во Скопје ја заврши со само четири поени истиот период од играта во Коимбра го доби со 22:10, за веднаш на стартот од втората четвртина да ја достигне максималната разлика од 25:10! На успех не може да се надева екипа чиишто двајца најдобри играчи во досегашниот дел од квалификациите ќе постигнат по само два коша, и двата од слободни фрлања - капитенот Врбица Стефанов за 30 минути имаше реализација 0/2 за два поена и 0/3 за тројка, а првиот центар Тодор Гечевски за 27 минути биеше 0/5 за два и 0/2 за три поена! Кога на тоа ќе се додаде жестокиот вербален дуел на Владо Илиевски со селекторот Јовица Арсиќ откако во финишот на третата четвртина беше заменет со Врбица Стефанов, станува јасно колку неповолна била атмосферата за да се завери пласманот на ЕП уште во Португалија.
Зрак на надеж дека во последен момент ќе се избегне засрамувачки неуспех се појави на стартот од последната четвртина, кога со положувањето од Ристе Стефанов црвено-жолтите се доближија на 56:58, но дури три минути потоа на семафорот остана тој резултат. Во тој период Македонија упати само три (неуспешни) шута, имаше две погрешни додавања и направи четири лични грешки, вклучувајќи ги и двете со кои дотогаш најрасположениот македонски кошаркар Перо Антиќ на 7,48 ми��. до крајот мораше предвреме да го заврши натпреварот.
Последен обид за да се спасиме од неминовен пораз беа двете погодени слободни од Џеремаја Мејси за намалување на 58:60 на 5,17 мин. до истекот на предвиденото време за дуелот, по што домашните кошаркари набрзина создадоа недостижна предност од десет поена (68:58) и ја зачуваа до крајот.
Португалија - Македонија 81:71
По четвртини: 22:10, 22:28, 14:16, 23:17. Сала: во Коимбра. Гледачи: 2.000. Судии: Таурино (Италија), Шамбон (Франција) и Конде (Шпанија).
Португалија: Тавареш, Кошта 19, Жа. Силва, Куња 9, Жо. Силва, Куелјо, Андраде 13, Кортез 2, Фернандеш, Евора 12, Миранда 12, Сантош 14. Селектор: Мончо Лопез.
Македонија: В. Стефанов 2, Илиевски 16, Мираковски 2, Р. Стефанов 6, Стојановски, Блажевски 8, Тасовски, Гечевски 2, Антиќ 15, Гоцевски, Мејси 20, Самарџиски. Селектор: Јовица Арсиќ.
Квалификации за ЕП во Полска
Група А, седмо коло: Италија - Бугарија 82:81, Србија - Финска 92:66. Табела: Србија 13 (6/1), Италија 12 (4/4), Бугарија 11 (4/3), Финска 9 (2/5), Унгарија 9 (2/5). Утре: Финска - Унгарија, Бугарија - Србија.
Група Б, петто коло: Летонија - Естонија 72:67, Португалија - Македонија 81:71. Табела: Летонија 9 (4/1), Македонија 8 (3/2), Португалија 7 (2/3), Естонија 6 (1/4). Утре: Португалија - Летонија, Македонија - Естонија.
Група Ц, петто коло: Франција - Украина 87:83, Турција - Белгија 80:64. Табела: Турција 10 (5/0), Франција 8 (3/2), Украина 6 (1/4), Белгија 6 (1/4). Утре: Украина - Белгија, Франција - Турција.
Група Д, петто коло: Чешка - Велика Британија 63:67, Израел - Босна и Херцеговина 88:74. Табела: В. Британија 9 (4/1), Чешка 7 (2/3), Израел 7 (2/3), БиХ 7 (2/3). Утре: БиХ - В. Британија, Израел - Чешка.
|