09.05.2012, 17:02 Првоборците и новоборците се разминаа на 9 Мај

Иако светот повеќе го слави Денот на победата над фашизмот, Македонија му даде поголемо значење на Денот на Европа
Александра М. Митевска
Македонија тивко и мошне скромно го одбележа Денот на победата над фашизмот. И оваа година, како и неколку претходно, на 9 мај во Скопје, многу посилно одекна прославата на Денот на Европа.
Владата и Сојузот на борците и вчера „се разминаа“ во оддавањето почит кон жртвите од Втората светска војна и придобивките од НОВ. Борците се поклонија пред споменикот на НОВ пред зградата на Владата и пред споменикот во Матка. Власта, пак, се сконцентрира на новиот споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Таму положија цвеќе партиска делегација на ВМРО-ДПМНЕ и државна делегација.
Антонио Милошоски, кој ја предводеше делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека Ченто дал голем придонес за да го прославуваме денешниот Ден на Европа и Денот на победата над фашизмот. Но, на денешниот Ден на Европа, додаде, тој имаме причини и да бидеме загрижени, бидејќи во некои европски земји, на Денот на победата над фашизмот, гледаме дека во некои европски парламенти влегуваат партии со профашистичка идеологија.
Опозицискиот лидер Бранко Црвенковски реши да им се придружи на борците. Од неговиот кабинет во СДСМ најавија дека тој ќе присуствува на свечениот собир во трговскиот центар „Лептокарија“ во Скопје, што, по повод Денот на победата, го организираа Сојузот на борците на Македонија и општина Карпош.
Владата испрати покана до Сојузот на борци за свечената академија што се одржа вчера во Домот на АРМ, но по повод Денот на Европа. Вчера попладне, од Владата, сепак, стигна известување дека свечената академија е по повод двата значајни настани што се одбележуваат на 9 мај.
Претседателот на СБМ, Тодор Атанасовски, вчера се двоумеше дали да присуствува на академијата. Тој се согласува дека Македонија, како земја која претендира на членство во ЕУ, треба достојно да го одбележи Денот на Европа, но смета дека барем ист третман треба да има и одбележувањето на 67-годишнината од победата на фашизмот.
Идејата Денот на победата над фашизмот да се поврзе со Денот на Европа, според Атанасовски, потекнува од десните сили кои во изминатите години беа на власт во повеќето европски земји. Но, како што вели тој, Втората светска војна не се водеше само на територијата на Европа, туку и на други континенти и таа претставуваше пресвртница за целиот свет.
„Очигледна е пошироката тенденција да се потисне антифашистичкиот карактер на војната. А, нашите власти го прифатија тој тренд со раширени раце. Тешко на оној народ чии власти не ја почитуваа неговата историја. Во Втората светска војна, македонскиот народ се бореше рамо до рамо со најпрогресивните сили во светот“, вели Атанасовски.
Денот на Европа беше одбележан вчера, со повеќе манифестации во главниот град, но и во другите општини во државата. Делегацијата на ЕУ во Скопје организираше конференција на тема „Како да ги зајакнеме граѓаните во Европа“, општина Центар организираше трка на келнери и европски хепенинг на плоштадот „Македонија“, а градот Скопје најави повеќечасовна забава во вечерните часови... Премиерот Никола Груевски упати честитка до претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, а претседателот Ѓорге Иванов му честиташе на претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј...
Европа го одбележа вчера својот ден, односно датумот кога во 1950 година Роберт Шуман ја презентираше идејата за организирана Европа, со цел одржување на мирот на континентот кој беше разурнат и поделен од војни. „Шумановата декларација“ се смета за почеток на формирањето на Европска унија.
Светот го одбележа вчера и Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година нацистичка Германија потпиша безусловна капитулација, што значеше крај на Втората светска војна. Третиот Рајх капитулираше во разурнатиот Берлин. Во Втората светска војна учествуваа 61 земја, со повеќе од две милијарди жители. Таа однесе над 50 милиони жртви. Македонија за време на војната беше на страната на антифашистичката коалиција, која извојува победа. Во борбите против фашистичките окупатори, Македонија даде неколку десетици илјади жртви. Според некои процени, од вардарскиот дел на Македонија загинале околу 33 илјади лица, меѓу кои и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка. (А.М.М.)
Груевски: Македонија заслужува членство
„Македонија се определи за евроатлантските интеграции како стратешка цел, но на тој пат е попречена од еден виртуелен спор кој го имаме со една земја членка на ЕУ и на НАТО и наш сосед. Помогнете ни да го добиеме тоа што сме го заслужиле и вредно одработиле, членство во НАТО и преговори со Унијата“. Ова го порача премиерот Никола Груевски на вчерашната свечена академија по повод Денот на Европа.
Премиерот во своето обраќање нагласи дека на нашава земја треба да и' биде овозможено да исчекори напред на полето на евроатлантските интеграции, што е заложба на повеќе од два милиона граѓани на Македонија. Тој истакна дека нашава земја треба да го добие тоа што го заслужила. (П.Р.) Орав: Во ЕУ само со нејзините вредности
Секоја земја која ќе избере да и' пристапи на ЕУ мора прво да ги поддржи нејзините вредности - слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права вклучувајќи ги и правата на малцинствата. Вашата земја е една од земјите кои ја избраа патеката на европска интеграција. На тој пат потребно е низ општ политички и општествен консензус да успее на реформската патека.
Ова го порача шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Аиво Орав, на свечената академија по повод одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа на која присуствуваше државниот врв, дипломатскиот кор и други гости.
„На вашата земја се гледа од страна на ЕУ како на еден од најраните и вистински успеси на заедничката надворешна безбедносна политика и мислам дека повеќето ако не и сите луѓе во оваа сала ќе се согласат дека враќањето на земјата од работ на војната до прагот на пристапни преговори за помалку од една деценија претставува забележителен успех“, рече Орав. (Н.Р.) |