МЗТ Скопје се американизира

Центарот Маркус Китс од универзитетот Вилијам и Мери е третиот Американец меѓу „металците“
Наум Котевски
МЗТ Скопје се засили со нов Американец, трет во овој преоден рок. Станува збор за 22 годишниот Маркус Китс, кој настапува на позицијата центар. Висок е 206 см, а досега настапувал за универзитетот Вилијам и Мери, во американската колеџ дивизија (НЦАА1).
Таму Китс, кој потпиша едногодишен договор со „металците“ мина четири години, а во својата последна колеџ сезона оствари просек од 9,2 поени, 5,8 скока, 0,8 аситенции и 1,9 блокади по натпревар.
Пред Китс во Аеродром дојдоа и бекот Кит Дејвис и Ноа Далман од универзитетот Ватфорд, со кој две години по ред беше шампион на Јужната конференција во колеџ лигата во САД.
Далман и двете сезони беше прогласуван за најкорисен играч на таа лига. Тој има 22 години и висок е 196 см, игра на позиција крило и важи за одличен поентер и скокач, додека Дејвис е висок 195 см и игра на позиција бек.
Тренерот Александар Тодоров е најзаслужен за доведувањето на Американците. Тој е задоволен од тоа како се екипираше неговиот тим, но не сака да врши притисок врз играчите со некакви изјави полни со самодоверба за конечно освојување на првата шампионска титула.
Иако, квалитетот компониран од тројцата Американци и останатите засилувања - Огнен Стојановски, Ристе Стефанов, Ѓорѓи Чековски и плејмејкерот од словенечка Ползела, Игор Мијајловиќ, му го даваат тоа право.
Инаку, МЗТ Скопје подготовките за новата сезона ги почнува на 15 август, а два дена подоцна се сели на Маврово. По приклучувањето на репрезентативците, кои ќе бидат ангажирани на европското првенство во Литванија, екипата треба да замине на подготовки надвор од земјава. |