Работнички по потврда на плеј-оф во Лига Европа

Дебармаалци вечерва (20 ч.) на „Филип Втори“ против Анортозис во обид да ја одбранат предноста од 2:0 од првиот меч во Ларнака
Сашко Ѓ. Димовски
Фудбалерите на Работнички ќе се обидат да сторат нешто што не успеала ниту една македонска екипа досега. Тоа е пласман во плеј-оф рунда во едно клупско натпреварување на стариот континент, во случајот во Лига Европа. Вечерва (20 ч.) на „Филип Втори“ го пречекуваат Анортозис во обид да ги одбранат оние големи 2:0 од првиот меч, да потврдат дека резултатот на „Антонис Пападопулос“ не е случаен, да го елиминираат фаворизираниот состав од Ларнака и да ја комплетираат мисијата отпочната пред седум дена на Кипар.
„Не играме само за себе туку играме за цела Македонија. Со поддршка од навивачите кадарни сме да го минеме Анортозис“, порача спортскиот директор на Работнички, Игор Ангеловски.
Дебармаалци покажаа карактер во првиот меч во кој со дисциплинирана и одговорна игра се вратија во Скопје со убава залиха. Предноста со која влегуваат во вечерашниот меч порачуваат дека нема да ги залаже бидејќи дилемата за патникот во наредната рунда во Лига Европа е се' уште отворена. Ништо не е решено, па затоа од Анортозис се очекува да тргне на се или ништо на „Филип Втори“ уште од првата минута, па оттука и пораката на шефот на стручниот штаб на Работнички дека екипата нема така лесно да се отвори. Ќе недостасува само дефанзивецот Игор Стојанов кој се здоби со повреда во првиот натпревар и лекарскиот тим не успеа да ја санира за реваншот.
„Кипраните нема што да загубат. Имаат навистина квалитетен состав и веројатно веднаш ќе нападнат со цел да обезбедат брз гол. А, напаѓаат сите, од бек до шпиц. Опасни се, сите знаат да играат фудбал. Затоа треба да бидеме мудри и трпеливи. Имаме и ние добри и брзи напаѓачи по страничните позиции. Ако мечот добие поинаков тек од оној каков што очекуваме и се надеваме тогаш имаме и план Б“, вели тренерот Горан Петрески пред најважниот меч во неговата тренерска кариера, во клупската историја на Работнички и македонскиот фудбал.
Работнички веројатно ќе игра во нешто позатворена варијанта во вечерашниот реванш со Анортозис. Шансата за гол ќе ја бара во контранапади, идентично како што се однесуваше на Кипар во минатиот четврток. Таму поентира двапати преку Петровиќ и К. Велкоски, а „романтичарите“ се надеваат барем на едно тресење на мрежата на Иванков и во Скопје.
„Имаме одличен резултат. Мора да го дадеме максимумот. Треба да ги издржиме нападите на противникот и со добра и контранапади да постигнеме гол. Едвај го чекаме почетокот на мечот. Гориме од желба да излеземе на терен и да го потврдиме изданието од првиот меч“, рече Борче Маневски, капитен на Работнички, и, во контекст на онаа „резултатот се памети - играта се заборава“, дополни:
„Гледачите што ќе дојдат на стадион не мора да очекуваат добар фудбал. Наша цел е да го елиминираме Анортозис“.
Работнички ги брои часовите до почетокот на средбата во која очекува и огромна поддршка од трибините. Апелира до гледачите во што поголем број да дојдат на „Филип Втори“ и да направат пеколна и достоинствена атмосфера, но пред фудбалска, без навредливи скандирања, транспаренти со политичка конотација и фрлање на предмети на терен.
Лига Европа, трето коло, реванш-мечеви
Денеска играат: Динамо Тб. - Рејкјавик (4:1), Брондби - Риед (0:2), Виторија Гим. - Митјиланд (0:0), Штромсгодсет - Атлетико (М) (1:2), Хакен - Национал (0:3), Хајдук - Стоук (0:1), Тун - Палермо (2:2), Газ Метан - Мајнц 05 (1:1), Карабак - Бриж (1:4), Макаби Т.А. - Железничар (2:0), Хартс - Пакс (1:1), Олимпијакос Волос - Диферданж (3:0), Вараждин - Динамо (Б) (2:2), Легија - Газиантепспор (1:0), Јаблонец - АЗ Алкмар (0:2), Спартак Тр. - Левски (1:2), Фулам - Сплит (0:0), Ден Хаг - Омонија (0:3), Вадуц - Хапоел Т.А. (0:4), Гомељ - Бурсаспор (1:2), Вестерло - Јанг Бојс (1:3), ПАОК - Валеренга (2:0), Слиго - Ворскла (0:0), Сараево - Спарта (П) (0:5), РАБОТНИЧКИ - Анортозис (2:0), Сенице - Салцбург (0:1), Рен - Металург Рустави (5:2), Елфсборг - Алесунд (0:4), Австрија (В) - Олимпија (Љ) (1:1), Ст. Патрикс - Карпати (0:2), Актобе - Аланија (1:1), Ц. Звезда - Вентспилс (2:1), Млада Болеслав - АЕК Ларнака (0:3), Локомотив (С) - Сласк (0:0), Хелсингборг - Бнеи Јехуда (0:1).
Во заграда се резултатите од првите натпревари. |