Австралијците му подготвуваат кралски пречек на Еванс

Кадел Еванс ќе направи летечка посета на Австралија следната седмица за да го прослави триумфот на Тур де Франс со своите сонародници. Еванс (34), кој минатиот месец стана првиот Австралиец што ја освоил најпрестижната велосипедска трка во светот, ќе парадира низ центарот на Мелбурн в петок, 12 август.
„Велосипедските фанови, спортските ентузијасти и сите горди Викторијанци ќе имаат можност да се соберат заедно во мелбурншкиот ЦБД за да прослават и да му честитаат на Кадел“, изјави Тед Бејли, премиер на државата Викторија. „Кадел доаѓа дома специјално за овој настан, во кој ќе биде вклучено и кратка велосипедска тура, како и прослава на Плоштадот на Федерацијата, каде што Викторијанците ќе имаат прекрасна можност да го поздрават Кадел“.
Еванс нераше во план да се врати во Австралија до крајот на годинава, но изјави дека одвај чека да ги собере почестите по неговиот триумф во Париз.
„Шампањското има некако подобар вкус откако ќе ја поминете целната линија на Шанзелизе во жолто“, напиша тој на неговиот официјален вебсајт. „Изгледа дека ќе заминеме за Австралија за многу кратко време. Тоа за мене ќе биде прво доаѓање дома во текот на сезоната од причини што немаат врска со натпреварувањето“.
Еванс завчера го продолжи договорот со тимот на БМЦ за уште три години. Тој стана член на швајцарската екипа во сезоната 2010 и таа година ја предводеше во нејзиното прво учество на Тур де Франс и на Џиро ди Италија, пред тимот да стекне статус на елитен професионален тим во 2011.
„Чувствувам дека успешно пораснавме како тим заедно“, изјави тој. „Уживав во досегашната соработка. Од самиот почеток чувствувам дека БМЦ има голема доверба во мене како член и често пати како лидер на тимот. Оттаму, долгорочниот договор го отсликува тоа. Во годините што доаѓаат ќе продолжиме да работиме и да напредуваме“.
Благодарејќи на триумфот на Тур, Еванс е рангиран на првото место на листата на меѓународната велосипедска унија УЦИ, а БМЦ е втор на екипната табела, што е забележителен прогрес за младиот тим. |