Разговори со Тошак следниот викенд во Барселона

Хаџи-Ристески в сабота и в недела ќе се сретне со Велшанецот, кој е прва опција за селектор на македонската фудбалска репрезентација
Миодраг Мицковиќ
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Харалампие Хаџи-Ристески, има навистина тешка задача да се одлучи на кого ќе му ја довери селекторската функција, со амин на членовите на Управниот одбор. Досега на неговиот список продефилираа повеќе познати имиња од тренерската фела, но, како што сега стојат работите, Велшанецот Џон Тошак останува прв кандидат. Хаџи-Ристески има намера да се сретне со него на 6 и 7 август во Барселона, каде што Тошак ќе дојде од Мајорка, каде што живее. Според првичниот договор, средбата требаше да се одржи на 4 или 5 август, но по��ади поројните дождови во Прилеп дел од куќата на Хаџи-Ристески е поплавена, па по враќањето од Рио тој е ангажиран околу санирањето на штетата од надојдените води.
„Уште за време на престојот во Рио на ждрепката за Светското првенство во Бразил од една германска менаџерска агенција ми беше понудено да разговарам со тренерот на младиот тим на германскиот прволигаш Хофенфхајм, Марко Пацоли, кој поради големите успеси на подмладокот е префрлен во Стручниот штаб на првиот тим. Станува збор за млад и амбициозен стручњак. Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Србија, Томислав Караџиќ, пак, во Рио ме информираа дека и поранешниот тренер на Работнички, Драгољуб Беквалац, е заинтересиран за селекторската функција во Македонија“, ни изјави Хаџи-Ристески. „Меѓутоа, засега Џон Тошак е во преден план. Сакам прво да разговарам со него, да ги слушнам неговото мислење, условите, програмата што ја нуди, па потоа, ако не се договориме, ќе можеме да размислуваме за други решенија. Мене ми одговара 7 август, бидејќи наредниот ден би заминал од Барселона за Виена, каде што би се приклучил на нашата репрезентација на патот за Азербејџан“.
Покрај Тошак, остануваат уште двајца сериозни кандидати со кои би се разговарало. Тоа се Чедомир Јаневски и Израелецот Ели Гудман. Јасно, под претпоставка да не дојде до договор со Велшанецот.
Менаџерот Борко Круниќ, кој е роден во Скопје и кој има своја агенција во Лондон, тврди дека познатиот стручњак е многу заинтересиран да ја преземе репрезентацијата на Македонија. Има големи планови, сака исто така на лице место да ги види и натпреварите на младата селекција, бидејќи е голем поборник во екипите каде што работел да вклучува помлади играчи. Тој смета дека Македонија има добар играчки фонд. Сака и почесто да ги гледа и натпреварите од Првата македонска лига. |