Со Мекејлеб почнуваат вистинските подготовки

Кошаркарот на Монтепаски е надвор од форма, па затоа ќе работи под посебен режим со Бенкардино
Лошата вест е дека Ристе Стефанов поради повреда (фрактура на стапалото) и дефинитивно ќе го пропушти европското првенство во Литванија, а добрата вест е што од вчера со репрезентативниот тим е плејмејкерот на Монтепаски - натурализираниот Американец Бо Лестер Мекејлеб, како и капитенот Перо Антиќ. Ако воопшто кај некого имаше сомнеж дека Бо ќе го испочитува договорот со Македонската кошаркарска федерација, сега и тој исчезна.
„Ние во Федерацијата сме немале такви дилеми. Мекејлеб е чесно момче. Сака да игра за Македонија и тоа го кажа искрено уште на првата прес-конференција“, вели директорот на репрезентацијата Врбица Стефанов.
Јасно е колку Мекејлеб значи за овој состав. Селекторот Марин Докузовски на неговата брзина и техника ќе ја гради играта. Од соработка на Бо на бековската линија со Илиевски практично ќе зависи ефиктивноста на целиот напад.
Мекејлеб во моментов е надвор од натпреварувачка форма, па затоа, како што кажа Врбица Стефанов, на стартот ќе работи под посебен режим со кондицискиот тренер Сандро Бенкардино.
Никој не сака да форсира со Мекејлеб уште првите денови. Тој ќе биде во тимот кој на 6 август ќе игра на силниот турнир меѓу бившите Ју републики во Словенија, но колку ќе игра ќе одлучи Докузовски.
Како што ќе одлучи дали воопшто ќе повика нов играч поради губењето на Ристе Стефанов. Засега со овој кадар се оди во Словенија, а за подоцна стручниот штаб ќе размисли.
Инаку, Стефанов завчера го почна долгиот рехабилитациски процес и се надева дека ќе биде подготвен за стартот на новата сезона со својот нов клуб МЗТ Скопје. Лани Стефанов играше за Работнички пред да замине во италијанскиот Мазео Сан Северо. (Н.К.) |