Димитровски неизвесен за Светското првенство
Еден од нашите најдобри куглари, Димитар Димитровски, член на Макпетрол, се обидува да ја залечи повредата добиена на последните настапи на Светскиот клупски куп во Скопје за да може да настапи за македонската репрезентација на Светското првенство што ќе се одржи во градот Ризинг во Австрија од 24 до 30 октомври. Неговиот настап е неизвесен, се' ќе биде познато по мини-подготовките на нашите репрезентативци што ќе се одржат во Загреб од 21 до 23 октомври, заедно со кугларите на Хрватска.
Селекторот Ајдин, покрај Димитровски, ги одреди преостанатите петмина куглари кои ќе ги бранат боите на Македонија во Австрија. Тоа се Борис Бенедик, Бранко Манев, Коста Манев, Дамир Фучкар и Урош Стоклас. Кај жените ќе настапат Данче Гиевска, Леа Маер и Тина Тасевска.
Се' уште не е познато дали ќе биде одреден уште еден куглар во случај Димитровски да не биде способен да настапи.
Македонските куглари ќе се натпреваруваат во три дисциплини на Светското првенство, во поединечна конкуренција, во микс и во спринт, а селекторот Ајдин ќе одреди пред самиот настап кој во која дисциплина ќе учествува и со кого во двојки.
Подготовките ќе се одржат во Загреб, бидејќи сите освен Гиевска и Тасевска се интернационалци, кои настапуваат во Хрватска, Австрија и во Германија. (М. М.) |