Шабан Трстена предложен за великан на МОК
Федерацијата за боречки спортови на Македонија одржа редовно годишно собрание на кое присуствуваа 23 делегати од 12, и од 17 регистрирани клубови.
На собранието беше донесена едногласна одлука еден од нашите најдобри борачи Шабан Трстена да биде предложен за великан на Македонскиот олимписки комитет поради неговите големи успеси на олимписките игри, светските и европските првенства. Има освоено две медали на Олимписките игри, златен во Лос Анџелес во 1984 година и сребрен во Сеул во 1988 година.
Признанието „Великани на МОК“ е воспоставено во 1997 година и досега го имаат добиено учесниците на олимписките игри: Владимир Богоевски, Благоја Видиниќ, Благоја Георгиевски, Ристо Дарлев, Реџеп Реџеповски, Бранимир Јовановски, Аце Русевски, Шабан Сејдиу, Миле Спасовски, Александар Тасевски, Зоран Шоров, Стојна Вангеловска и Горан Србиновски.
Добитници на ова признание се и Атина Бојаџи, Димитар Илиевски-Мурато, Нада Ицева-Салџиева, Трајко Јовковски, Лазар Лечиќ, Насе Насев, Војче Синадиновски, Славко Матовски, Ванчо Каранфилов и Дарко Панчев.
На собранието беше донесена одлука „Македонскиот бисер“ идната година да се одржи во Кочани. Стана збор и за тешката финансиска положба на Федерацијата, се бараат начини како да се исплатат старите д��лгови што не се мали и кои и' создаваат големи проблеми на сегашната гарнитура на Федерацијата. (М.М.) |