Еклстоун: Тимските шефови се себични и глупави
Берни Еклстоун одбива да именува свој можен наследник, а имајќи го предвид неговото мислење за шефовите на Ф1-тимовите, тешко дека тоа ќе биде некој од нив. Еклстоун управува со светот на Формула 1 уште од крајот на 1970-тите, претворајќи го овој спорт во мултимилионска доларска индустрија. Меѓутоа, на возраст од 79 години, неговото време на раководната функција полека истекува, иако во минатото тој инсистираше дека ќе ја чува власта до последниот ден од животот. Но, иако нема знаци дека Еклстоун забавува, секогаш се присутни гласишта за тоа кој ќе го замени кога ќе дојде времето.
„Немам идеја“, изјави тој за официјалната интернет страница на Формула 1 прашан да наведе имиња. „Тие (тимските шефови) веројатно би требало да побараат уште еден дилер на половни автомобили!“.
Што се однесува до тимските шефови, тешко дека Еклстоун би избрал некој од нив со оглед на тоа дека верува оти тие се крајно себична збирштина, која ја интересира само што може да добие.
„Сите тие би требало да гледаат да си ги водат сопствените бизниси соодветно и да се грижат за другите“, вели тој. „Тоа што е добро за Формула 1 е добро за сите вклучени - тимовите и компаниите. Премногу луѓе мислат само што е добро за нив. Исто е со правилата - тие мислат само за тоа што мо��е да им донесе победа“.
Прашан дали станува збор за егото, Еклстоун одговара: „Не би го нарекол тоа его, туку глупост. Тие би требало да мислат на целокупната глобална страна од тоа. Сите тимови се многу натпреварувачки настроени и сакаат да победат, што јас го поддржувам целосно, но тие треба да сакаат да победат под еднакви услови, а не да посакуваат да направат голема предност. Ако дојдат до предност со тоа што некој дизајнирал подобар болид или има подобар возач или стратегија, тогаш супер. Но, тие не треба да измислуваат работи само за да стекнат предност. Многумина од нив би сакале да имаат малку поголем мотор од останатите, што не е толку соодветен начин да се оди напред“. |