Коце Трајановски и натаму на чело на ЗЕЛС
Градоначалниците на Тетово и на Гостивар најавија бојкот на асоцијацијата
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, и натаму останува на чело на ЗЕЛС, а потпретседатели се градоначалниците на Куманово и на Чаир, Зоран Дамјановски и Иџет Мемети. Вака одлучи на вчерашната конститутивна седница Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, асоцијација која ги брани интересите на општините.
Меѓутоа, сите градоначалници не беа задоволни од изборот на првите луѓе во раководната тројка. Челниците на Тетово и на Гостивар, Сади Беџети и Руфи Османи, најавија бојкот на општинската асоцијација, незадоволни од тоа што ниту во Управниот ниту во Надзорниот одбор на ЗЕЛС не членуваат градоначалници од Полошкиот регион. Тие прашуваа зошто не се одело по региони и се интересираа кои биле критериумите за избор. Откако не добија одговори, ја напуштија седницата, најавувајќи дека нема да ги исполнуваат обврските спрема ЗЕЛС.
„При изборот не одевме по региони, но се застапени сите. Со двајцата градоначалници кои најавија дека нема да партиципираат во ЗЕЛС ќе разговараме. Тие треба да останат со нас, затоа што полесно ќе ги остварат нивните потреби“, објасни шефот на ЗЕЛС, Коце Трајановски.
„Се водеше грижа и за етничката и за партиската припадност при изборот на членови на Управниот и на Надзорниот одбор“, нагласи потпретседателот на ЗЕЛС, Иџет Мемети, Според него, доволно добар аргумент за тоа е што 80 градоначалници дале поддршка за членовите на овие тела на ЗЕЛС.
Инаку, на Генералното собрание на ЗЕЛС, кога беа потврдени мандатите на градоначалниците, Трајановски се осврне на идните планови и приоритети. „Фокусот на ЗЕЛС во наредниот период е финансиско јакнење на општините и сопственоста на градежното земјиште. Поголемата финансиска независност на локалната власт може да се постигне со измени или донесување нов закон за финансирање на општините. ЗЕЛС веќе упати барање за зголемување на процентот на ДДВ за општините од сегашните три на најмалку 30 проценти. Развојот на локалната економија ќе се подобри со преземање на градежното неизградено земјиште во сопственост на општината“, нагласи Коце Трајановски.
Притоа, додаде дека нема да застанат ниту во инсистирањето за поскоро донесување закон за легализација на нелегалните градби. „Со решенијата се предвидува законот да биде во сила три години и во тој период мора да се решат сите спорни објекти. Овој потег ќе бара голем ангажман на општините“, објасни претседателот на ЗЕЛС. (К.Ч.) |