Реформите успешни, визите зависат од политичка одлука
Македонија постигнува успех во реформите за граничното управување, за што потврда е брзата реализација на договорот со надлежната агенција на ЕУ, но одлуката за укинување на визите ќе биде политичка. Ова вчера во Скопје го изјави извршниот директор на Европската агенција за гранично управување (Фронтекс), Илке Лаитинен, по средбата со министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
„Воспоставивме структурна соработка и она што го видовме е прогресот постигнат во изминатата година. Работниот аранжман што го потпишавме е реализиран за многу кратко време, а тоа е показател за тоа каква е ситуацијата во земјава“, изјави Лаитинен. Тој, сепак, не можеше да прогнозира позитивен исход за визна либерализација на Македонија, наведувајќи дека одлуката за тоа ќе биде политичка.
„Фронтекс е агенција на ЕУ што нема политички, ниту законодавен мандат и не можам да одговорам кои се очекувањата за одлуката за визна либерализација на Македонија што се носи во Европската комисија. Но, започната е структурно оперативна соработка, а ние сме сведоци на развојот на капацитетите на оваа земја во однос на оваа насока“, нагласи Лаитинен.
Министерката Јанкулоска на заедничката прес-конференција наведе дека го запознала извршниот директор на Фронтекс за напредокот во граничното управување на земјава. Граничното управување е една од областите што се предмет на оцена во функција на добивање целосна визна либерализација на Македонија. (Макфакс) |