Беквалац го напушти Работнички К.

Српскиот тренер од вчера е нов кормилар на Војводина
Сашко Ѓ. Димовски
Драгољуб Беквалац од вчера не е тренер на Работнички Кометал. Српскиот тренерски стручњак неочекувано го напушти кормилото на дебармаалци и го презеде она на новосадска Војводина. Изненадувачкиот пресврт се случи во вторникот доцна вечерта кога Беквалац телефонски го известил потпретседателот на „романтичарите“, Коста Костовски, дека нема да се врати во Македонија, барем не како тренер на трикратниот македонски првак, иако во текот на вчерашниот ден управата на „црвено-белите“ го очекуваше Беквалац да допатува во Скопје, заедно со својот адвокат, и да стави потпис на нов двегодишен договор.
„Неочекуван пресврт на работите кој ме изненади и мене. Го очекував Беквалац да дојде во Скопје и да го парафираме договорот за продолжување на соработката, но во вторникот вечерта ми се јави и ми кажа дека се договорил со Војводина. Ми кажа дека финансиските услови не беа пресудни при донесувањето на ваквата негова одлука туку дека тоа го сторил од лични причини. Целото негово семејство е таму. Додека беше во Скопје често патуваше во Нови Сад на ден-два. Сега реши да остане таму“, ни изјави потпретседателот на Работнички Кометал, Коста Костовски.
Беквалац дојде во Работнички Кометал на пет кола пред крајот на ланското првенство. На клупата го наследи Ѓоре Јовановски и ја загуби битката за шампионската титула со прилепска Победа. Но, затоа оваа натпреварувачка сезона ги предводеше „романтичарите“ до двојната круна до која стигна со само два пораза (на гости кај Башкими и Победа). Летоска во квалификациите за Купот на УЕФА мина две кола (Горица и Зрињски), во третото и последно беше елиминиран од Болтон (1:1 на Градски, 1:0 на „Рибок“ стадионот).
По заминувањето на Беквалац веднаш почнаа да се плетат приказни за неговиот наследник. Од клубот не сакаа да излезат во јавност со имиња. Само посочија дека во игра се неколку домашни, но и странски имиња.
„Кругот се стеснува. Доведени сме во ситуација брзо да реагираме. До петок ќе се знае кој ќе ја презеде тренерската работа во клубот“, дополни Костовски кој вчера имаше итна средба со целокупната управа на клубот на која требаше да се расправа за идното тренерско решение во шампионот од Дебар Маало.
Неофицијално веќе тргнаа шпекулации околу новиот тренер на Работнички Кометал, па се лицитира со имиња како Бобан Бабунски, Милко Ѓуровски, Драган Христовски, Зоран Смилевски од домашните Златко Крмпотиќ, Славољуб Муслин и Љупко Петровиќ од соседството. |