Струмичко волшепство за мајсторка

Шампионот успеа во последните 10 минути против Фени индустри да надополни минус од 19 коша
Струмица на волшебен начин успеа да се избори за финална мајсторка против Фени индустри и тоа на свој терен, која ќе се одигра в сабота. Се' дотогаш Кавадарци ќе се прашува што им се случи на неговите кошаркарски херои. Не само што струмичани успеаја да надоместат неверојатни 19 коша минус во последните 10 минути, туку на крајот успеаја и да слават со 83:78. Последната четвртина ја добија со 35:13 и покрај многуте промашени слободни фрлања (вкупно 15 во мечот)!
Таквиот развој на настаните не можеа спортски да го поднесат гледачите во „Јасмин“, па дваесетина секунди до крајот почнаа да фрлаат пластични шишиња и запалки, по се' живо што се движеше на теренот, по струмичани мораа да бегаат во својата соблекувална. Сега повторно како и по претходниот натпревар во Струмица ќе има полни раце работа комесарот Томче Димишковски. Да потсетиме, и на тој меч во Струмица имаше прекин од цели 19 минути поради исти причини, поради што домаќинот беше казнет со 100.000 денари. И овој натпревар како и оној во Струмица, сепак, продолжи, а заврши со силни свирежи за домашните кошаркари.
Објективно тоа и го заслужија за својата брзоплета игра и најмногу поради извртената логика дека на +19 веќе може да се слави. Се случи несфатлив пад во играта кај Фени индустри кој играше одлично во првите три третини.
Бековите Самарџиев , Поповиќ и Браун ги разигруваа Гоцевски и Кол, за кои Струмица немаше одговор. Но, во последната четвртина сето тоа исчезна, како што исчезна Поповиќ од теренот поради петте лични грешки, оставајќи го Самарџиев како единствен бек. Капитенот на струмичани, Ефтим Богоев, покажа зошто беше прогласен за најдобар дефанзивец на Куп-турнирот. Тотално го неутрализира Самарџиев, а во нападот го проигруваше Пуповиќ. На Тасовски, пак, никој не му беше потребен да го проигрува. Со неколку соло-акции покажа зошто е еден од најдобрите во лигата.
Сега автоматски во фаворити се промовираа струмичани, кои ја имаат предноста на домашниот паркет. Две меч-топки спасија, останува да се види дали ќе ја освојат својата прва. |