Исланд со респект за Македонија
Селекторот Гудмундсон ги посочува Лазаров и публиката во Скопје, па би бил задоволен и со нерешен резултат
Горазд Михајлов Специјално за „Утрински весник“
РЕЈКЈАВИК - Поучени од елиминацијата во баражот за Светското првенство во Хрватска, Исланѓаните сега со многу поголем респект гледаат на македонските ракометари. Дневниот весник „Моргунбладет“ оддели речиси цела страница за утрешното гостување во Македонија во рамките на квалификациите за Европското првенство в година во Австрија.
Селекторот Гудмундур Гудмундсон повика 18 играчи за средбите со Македонија и со Естонија, но нема да може да смета на четворица играчи што го освоија сребрениот медал на Олимписките игри во Пекинг. Пред се', голем хендикеп е одлуката на Олафур Стефансон, ударната сила на исландскиот ракомет и еден од најдобрите светски играчи, по ОИ малку да се одмори од репрезентативните настапи и да им се посвети на клупските обврски во шпанскиот Сиудад Реал. Логи Геирсон од германски Лемго пред неколку дена се повреди и ќе биде надвор од терените три месеца, а Александар Петерсон по повредата пред извесно време почна повторно со тренинзи, но не се наоѓа во натпреварувачка форма. Конечно, Сигфус Сигурдсон, кој по неколкуте години минати во најсилните европски клубови реши да се врати во Исланд во екипата на Валур, повредите во последно време го одалечија од теренот и не е подготвен за настап.
„Точно е дека сме хедикепирани со неиграњето на ’сребрената‘ четворка од Пекинг, но што е тука е. Во спортот се случуваат и такви работи и мора да се соочите со нив. Изборот на играчи што го направив сметам дека е способен да одговори на предизвиците пред нас, тука мислам пред се' на дуелот со Македонија, и дека се подготвени да ги исполнат моите замисли. Верувам во успех, но мора да се биде претпазлив. Пред нас имаме репрезентација што мора да се респектира, бидејќи токму тие не' спречија да настапиме на СП во Хрватска, каде што одиграа неколку одлични натпревари и се побогати со искуство што го добија од овој шампионат“, вели Гудмундсон, чија што селекција имаше заеднички собир во Германија, од каде што вчера требаше да замине за Скопје.
Исландскиот селектор ги посочува Норвешка, Македонија и Исланд како најсериозни претенденти за едно од двете први места во групата што водат на ЕП.
„Македонија во Хрватска се претстави во многу светло издание, победувајќи ги светските велесили Русија и Полска, а одигра мошне солидно и против Норвешка и Данска и мора сериозно да се сфати. Исто така, имаше одлични 45 минути против Германија, кога беше исклучен најдобриот стрелец на мундијалот во Хрватска и рекордер на светските првенства, Кирил Лазаров. Тој е ударната сила на македонската репрезентација и еден од клучните играчи во хрватскиот Кроација осигурање. Ќе мора да обрнеме внимание на него, но никако не смееме да ги заборавиме и останатите, кои во секој момент се подготвени да изненадат, понесени од френетичната публика. Ретко на друго место може да се види таква поддршка. Ние тоа го почувствувавме во првата бараж-средба, кога загубиме убедливо и кога буквално сите во салата цели 60 минути ја бодреа својата репрезентација. Би било убаво кога и ние би имале таква публика, бидејќи тешко е да се загуби натпревар во една таква атмосфера“, импресиониран е Гудмундсон.
Сепак, комплиментите за Македонија не значат дека Исланѓаните ќе се откажат лесно. Напротив, тие ќе бидат повеќе мотивирани и сконцентрирани, ќе се обидат да направат помалку грешки и да ни се реваншираат за минатиот пат. Отсуството на неколкуте стандарди репрезентативци ќе биде дополнителен мотив за останатите да го дадат својот максимум и потоа со сигурна игра против Естонија на домашен терен да прокнижат бодови што би ги доближиле до ЕП во Австрија.
„Со добар резултат во Скопје, ние ќе бидеме во предност пред Норвешка и Македонија, ако се земе предвид дека со Норвежаните одигравме нерешено на нивниот терен, а двете селекции ги пречекуваме дома. Таа шанса мораме да ја искористиме. Едноставно, во оваа ситуација потребно ни е да одиграме еден топ-натпревар во Скопје, да дадеме се' од себе на теренот за да освоиме барем еден бод, кој многу ќе не' доближи до Австрија. Верувам во играчите што ќе добијат шанса и дека нема да се вратиме со наведнати глави дома. Добар резултат значи и добра атмосфера пред дуелот со Естонија в сабота во Рејкјавик“, завршува селекторот на Исланд.
Без браќата Мојсоски против Исланѓаните
Наумче и Златко Мојсоски нема да играат во утрешниот натпревар на македонската репрезентација против Исланд во квалификациите за Европското првенство 2010 во Австрија. Наумче ја обновил повредата на палецот што го скрши на мундијалот во Хрватска, а Златко му откажал на селекторот Иле Темелковски „од приватни причини“. На местото на последниот е повикан јуниорскиот репрезентативец Гоце Георгиевски од Металург, кој на десно крило ќе му биде замена на Владимир Темелков, а на среден бек нема да се бара алтернатива за Наумче.
Вчера националниот тим се комплетира со доаѓањето на петтемина странци Кирил Лазаров од Хрватска, Петре Ангелов од Франција, Темелков и Влатко Митков од Германија и Ацо Јоноски од Босна и Херцеговина. Од домашните, Велко Маркоски е болен, но се прават напори да се оспособи за дуелот со Исланѓаните. (Р.Д.)
Нови германски судии за мечот во Скопје
Близнаците Бернд и Рајнер Мете од Германија е новата судиска двојка што ќе ја дели ракометната правда на квалификацискиот натпревар за Европското првенство 2010 во Австрија меѓу Македонија и Исланд во Скопје. Нивните сонародници Франк Леме и Бернд Улрих се повлечени од Европската ракометна федерација по обвинувањата за лажирање на реваншот од финалето во Купот на куп-победниците во 2006 година меѓу Чеховски медведи и Валјадолид, кој го водеа тие. До расчистувањето на случајот, Леме и Улрих нема да бидат делегирани од ЕХФ, која идентично постапи и со полските судии Мирослав
Баум и Марек Горалчик, осомничени за вмешаност во наводното местење и на возвратниот дуел од финалето во Лигата на шампионите пред две години меѓу Кил и Флензбург. |