Рекордерот Леб гладен за нови победи
По својата 50. победа во СП во рели минатиот викенд на Кипар, Французинот порача дека следна цел му е 51. триумф
Веќе извесно време не е никаква вест дека Себастијан Леб победил во трка од Светскиот шампионат во рели, но со триумфот на Кипар минатиот викенд Французинот, сепак, се избори за насловните страници, бидејќи тоа му беше јубилејна 50. победа во кариерата. По трката ни самиот не беше свесен за големината на постигнувањето, а откако се прибра изјави дека добро се сеќава на моментите кога ги соборуваше рекордите на Карлос Саинц и на Колин Мекри, но јубилејната 50. победа, сепак, била нешто посебно.
„Педесет е голем број. И многу убав! Ова е како сон и многу сум среќен, но уште не сум завршил. Сега сакам и 51. победа“, порача возачот на Ситроен. Неговиот совозач Даниел Елена, пак, постави уште повисока цел: „Чувството навистина е извонредно. Сега е најважно годинава да ги забележиме сите 12 победи“.
Леб, сепак, ја спушта топката.
„Тоа е само статистика. Кипарското рели го возевме добро од почетокот до целта, а нашиот ’ситроен‘ навистина беше извонреден, и тоа на двете подлоги“, објасни тој.
Комплименти за најдобриот рели возач на денешницата не штеди ни третопласираниот на Кипар, Петер Солберг.
„Му симнувам капа. Нема многу спортисти што можат да постигнат таков успех. Тој е прекрасен човек во добра екипа и секогаш страствено дава 110 отсто од своите можности. Го запиша своето име во историските книги и таму ќе остане уште многу долго. Јас би морал да возам до својата 60. година за да го достигнам“, вели Норвежанецот.
Себастијан Леб (35) во СП во рели дебитира во 1999 година на Корзика, а првата победа ја извојува во Германија три години подоцна. Рекордер е со пет шампионски титули во низа од 2004 година наваму, а води и годинав�� со максимални 30 бода од првите три трки. Покрај 50. победи, во вкупно 115 трки досега има уште 75 пласмани на подиумот, 578 етапни победи и освоил 710 поени. Лани забележа рекордни 11 победи во една сезона. |