Промоторите без резултати, сепак, Владата штанцува нови
Агенцијата за странски инвестиции преку огласот објавен вчера бара осуммина нови промотори кои сака да ги удоми на определено време
Александрија Стевковска
Странски инвестиции во земјава никаде на видик, но затоа, пак, Владата упорно инвестира во регрутирање нови промотори кои ги испраќа по светот да ловат инвеститори. Неуспеш��иот досегашен плен на промоторите не ги обесхрабрува одговорните повторно и повторно да вработуваат нови луѓе кои треба да ги убедат странците да инвестираат токму во нашата земја. Овој пат Агенцијата за странски инвестиции преку објавениот оглас вчера бара нови осуммина економски промотори кои сака да ги удоми на определено време во Белгија, Данска, Јужна Кореја, Канада, Обединето Кралство, Турција, САД и во Франција. Практиката да се испраќаат промотори, три години по стартот на овој концепт, продолжува иако досегашните економски промотори на Македонија не и' донесоа ниту една единствена инвестиција. А дека е слаб интересот на странските фирми да ги вложат парите во земјава покажуваат и податоците на Народната банка на Македонија. Само 99,6 милиони евра изнесува нивото на странски инвестиции од јануари до мај годинава, што претставува 15 милиони евра помалку во споредба со истиот период лани, која, пак, важи за најслаба година според влезот на странски инвестиции. Минатата година ја завршивме со вкупно 181 милион евра странски инвестиции, а сегашните податоци навестуваат дека годинава ќе биде уште послаба. Не само што нема прилив на нови инвестиции, туку се повлекуваат и дел од оние што се сметаа за сигурен инвестициски улов, како „Тривју хит“, кој во партнерството со „Хаиер“ требаше да гради во „Бунарџик“. Засега како опција уште се врти инвестицијата од турската „Шишеџам“, но тоа дури од идната година. Власта во одбрана на промоторите вели дека тие ја извршуваат својата задача и дека воопшто не станува збор за слаб проект и неисплатлива инвестиција без ефект. „Кој тврди дека нема ефект од промоторите? Колкави се тие суми што не се исплатливи? Дури и сите тие промотори што ги потрошиле фамозните 500.000 евра да донесат само една инвестиција од 50 милиони, инвестицијата во нивното ангажирање би се исплатела“, изјави првиот човек на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо, во неодамнешното интервју за „Утрински весник“. Според него, Владата направила ревизија на бројот на промотори. „Вкупната бројка на промотори беше планирана на 32, но направивме анализа врз основа на интересот од различни земји и резултатите покажаа дека некои земји, Чешка и Египет треба да бидат елиминирани како идни земји каде што би имале промотори. Имаше случаи кога не бевме задоволни од работата и од резултатите на промоторите. Досега се разрешени тројца. Двајца беа во западноевропски земји, а еден во централноевропска земја. Не бевме задоволни од бројот на посетите, од бројот на презентации и колку компании ја посетиле Македонија, поради што се прави избор на нови промотори за тие локации“, најави Мизо, според кого едно е интересот на земјата, а друго е промоторот и неговата способност. „Тие работи не се исти. Но, најмногу интерес и посети реализирале промоторите во Турција, САД, Австрија, Кина“, објави Мизо. Додека Владата се надева на позитивни ефекти на долг рок, ревизорскиот извештај за ланското работење на економските промотори отвори сомневања за оправданоста за нивниот ангажман во странство. Останува и фактот дека некои промотори ја злоупотребиле позицијата. Владата упорно опстојува на ставот дека еден ден ќе дојдат посакуваните странски инвеститори, кои ќе ги наполнат економските зони. |