Циганите летаат на небо
ПАРИЗ - Депортирањето на Ромите од Франција во нивните земји на потекло ќе почне денес, најави француската влада. Со 51 камп на Ромите низ земјата, кои се демонтирани во текот на август и уште речиси 250, кои ќе ја доживеат истата судбина до октомври, околу 700 Роми ќе бидат авионски депортирани до крајот на август.
Првата група Роми ќе ја напушти Франција денес, при што ќе бидат вратени 79 Роми. Министерот за имиграција, Ерик Бесон, изјави дека Ромите се согласиле да се вратат по сопствена волја, пишува „Ле монд“. Возрасните добиваат по 300 евра во готово за враќањето, додека за децата е предвидено по 100 евра. За да го спречат нивното враќање и да добијат повратни пари француските органи планираат да ги соберат биометриските податоци од оние што се испраќаат во своите земји.
Според правилата на ЕУ, Ромите можат слободно да патуваат во Франција, но треба да докажат дека можат да се издржуваат, со цел да им биде дозволено да останат подолго од три месеци. Се проценува дека околу 15.000 Роми од Централна и од Источна Европа, претежно од Романија, се наоѓаат во Франција.
Демонтирањето на камповите е дел од пошироките безбедносни ограничувања, што ги најави францускиот претседател Никола Саркози на крајот од јули. Тој чекор веднаш наиде на критики кај левоориентираната опозиција, но во поново време, исто така, и кај политичарите од централно-десничарската партија УМП на претседателот. „Ние не стигматизираме заедница, туку ги тераме луѓето да го почитуваат законот“, изјави министерот за внатрешни работи, Брис Кортефокс, оправдувајќи ги потезите на владата. Француските власти укажуваат дека минатата година околу 10.000 Роми биле депортирани од Франција во Бугарија и во Романија.
Бесон од своја страна призна дека некои од депортираните можат да се вратат и дека тоа им е дозволено „како што е наведено во законот“, но тие „не можат илегално да се населат, а не, пак, да добиваат доброволни приходи за помош. Тој, исто така, возврати на критиките од еден политичар на УМП, кој ја спореди евакуацијата на камповите со собирањата во Втората светска војна, изјавувајќи дека не би сакал да се користат такви зборови. „Со луѓето се разговараше, нивниот идентитет е потврден и им нудиме пари да се вратат во земјата од каде што потекнуваат“, изјави тој за радиостаницата РТЛ. „Би сакал не��ој да ја објасни поврзаноста со собирањата од Втората светска војна“.
Во меѓувреме, Романија изрази загриженост поради потенцијалните проблеми што произлегуваат од политиката на Франција. „Загрижен сум поради ризиците дека ова ќе навлезе во популизам и ќе доведе до одредена реакција на ксенофобија во услови на економска криза“, изјави министерот за надворешни работи, Теодор Баконши, во интервјуто за РФИ Романија. „Ако разменуваме обвиненија или колективно ги криминализираме етничките групи, ги оживуваме сеќавањата, меѓу нив и оние непријатните, и место да најдеме решение ќе создадеме тензии“, додаде тој.
Двајца државни секретари на Романија треба да отпатуваат во Франција на 30 август за да разговараат за интеграцијата на Ромите и „како да се спречат злосторствата“. (ЕУ обсервер) |