Швајцарски ултразвук ќе ги брка птиците од спомениците
Општина Центар ќе плаќа по 1.350 евра за едно апаратче
Деспина Трајковска
За да не се валкаат од птици и од инсекти, спомениците од „Скопје 2014“ ќе се заштитуваат со ултразвук. Општина Центар веќе направила зделка со швајцарска фирмата „Деко стар“ од Бининген за снабдување со потребните апаратчиња, кои чинат 1.350 евра од парче. Тие работат на принцип на испуштање ултразвучни сигнали, кои ги бркаат птиците, а притоа, како што тврдат општинарите, не претставуваат никаква опасност за околината.
Колку апаратчиња ќе се набават, кога и на кои споменици ќе се постават, општинарите допрва ќе утврдуваат. Апаратчињата ќе се монтираат на канделабри поставени во близина на спомениците, ќе бидат видливи, но нема да го нарушуваат амбиентот. Едно апаратче е со димензии 11 на 11 сантиметри. Голема е веројатноста дека први со ултразвук од птици ќе се бранат Гоце Делчев и Даме Груев, потоа Ченто, гемиџиите...
„Набавката и поставувањето на апаратчињата ќе се одвива сукцесивно, согласно со потребите на општината. Ќе нарачуваме едно по едно апаратче, во зависност од динамиката на поставување на спомениците. Инаку, се' уште правиме анализи на терен за поставување на првиот апарат, поточно бидејќи тие нема да се монтираат директно на спомениците, туку на канделабрите во нивна близина, се утврдува фактичката ситуација на терен. Значи, треба да се види дали има потреба од поставување дополнителни канделабри или, пак, ќе се искористат постојните“, вели Јовица Ацковски, портпарол во Општина Центар, според чии процени, тест-периодот на апаратчињата ќе стартува најмногу за два месеца.
Со оглед на тоа дека само на плоштадот и во околината општината ќе постави речиси триесетина споменици, за набавка на апаратчињата ќе треба да плати околу 40.000 евра. Но, според општинарите, оваа „и не толку голема инвестиција“, во секој случај е исплатлива, оти веруваат дека ќе се докаже како функционална. Имено, спомениците нема да се валкаат со измет од чавки, кои се нивни чести посетители, па така општината нема да има потреба да ангажира фирми за чистење на скапите споменични зданија.
Инаку, фирмата „Деко стар“ од Бининген - Швајцарија, била единствената што доставила понуда на јавниот повик на Општина Центар за избор на најповолен понудувач на апаратчињата. |