Премиера на „Мајки“ на Манчевски во Торонто
Сунчица Уневска
Новиот филм на Милчо Манчевски насловен „Мајки“ ќе ја има светската премиера на јубилејното 35. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, кој годинава се одржува од 9 до 19 септември. Четвртиот филм на Манчевски е вклучен во програмата „Специјални презентации“, чиј избор го прави самиот директор на фестивалот Пирс Хендлинг. Првата проекција на фестивалот, која наедно ќе биде и неговата светска промоција е закажана за 13 септември.
„’Мајки‘ по три години повторно ја носи Македонија на овој голем фестивал од А категорија, каде што во 2007 година исто така во програмата ’Специјални презентации‘ беше прикажан филмот „Сенки“, рече директорката на дистрибутерот „Манаки филм“, Татјана Ќурчинска - Пепељугоска. Таа додаде дека Хендлинг е автор и на текстот за филмот „Мајки“ во каталогот, а тој и ќе го претстави ова остварување на фестивалот. Во прес-материјалите се вели дека Хендлинг го смета овој филм за еден од најдобрите што ги видел последниве години, како поради храбрата, експериментална синематска структура, така и поради неговата содржина.
Филмот „Мајки“, кој имаше работен наслов „Како бебе“, ја тргна својата приказна мотивиран од настаните поврзани со кичевскиот новинар Владо Танески. Од почеток најавен како документарец, подоцна овој филм прерасна во игран филм, кој сега има три дела. Еден дел е документарен, кој е работен цела една година во кичевскиот регион, а другите два дела се играни. Снимањето се одвиваше лани, и тоа освен во Кичево и во Мариово, во Тетово, Гостивар и во Скопје. Филмот ја доби максималната поддршка од македонскиот Филмски фонд односно 500 илјади евра, а дополнителни средства (400 илјади евра) доби и со одлука на Владата на Македонија. Инаку, „Мајки“, како што гласи сега официјалниот наслов, е македонско-француско-бугарска копродукција.
Овој филм користи експериментална филмска структура, во која играниот филм се претвора во документарец, објаснуваше Ќурчинска - Пепељугоска. А Манчевски за својот филм вели вака: „’Мајки‘ на оригинален начин испреплетува вистински приказни за едно општество на небрежни и отсутни мајки, каде што децата кои беснеат со кредитни картички, набедуваат невини луѓе, каде што старците умираат сами и заборавени, каде што пензионираните чистачки се жртви на сериски силувања и убиства. Филмот е современа рефлексија на мрачниот свет на Достоевски.“ Филмовите на Манчевски секогаш одеа со одредено мото, кое стануваше нивни препознатлив знак. Мотото на „Мајки“ е: „Вистина, само вистина и речиси ништо освен вистина.“ А во врска со изборот на ова мото Манчевски го цитира Том Кленси, кој вели: „Се разбира дека вистината е поневеројатна од уметноста. Во уметноста мора да има логика.“
На прес-конференцијата беше дел од екипата на филмот предводена од директорот на фотографија Владимир Самоиловски, потоа актерите: Диме Илиев, Салаетин Билал, Владимир Јачев, Димитар Ѓорѓиевски и еден од кастинг-директорите, Маја Младеновска. Владимир Самоиловски беше особено почестен што Манчевски, кој секогаш има особена фотографија во своите филмови, го поканил да работи на овој филм. Салаетин Билал, кој работеше и на претходниот филм, рече дека бил изненаден кога Манчевски му понудил улога на 90-годишен Мариовец, но дека потоа фантастично се соживеал со улогата. Диме Илиев игра началник на полиција во првиот дел кој е единствен снимен во град, додавајќи дека во овој филм Манчевски нема жанровски приод. Додека Владимир Јачев направи многу интересна споредба и рече дека е фасцинантно како Манчевски ги структурира своите филмови, во кои секогаш има одредени архетипски ситуации. Тој рече дека тоа е она што ги поврзува филмовите, структурата, но дека во атмосферата се сосем различни. Другите делови на филмот се снимени во едно помало место и на село, и носат пресек на различни човечки судбини.
Покрај споменатите актери, во филмот играат и: Ана Стојановска, Ратка Радмановиќ, Марина Поп Панкова, Петар Мирчевски, Горан Трифуновски, Благоја Спиркоски, Борис Чоревски, а за првпат се појавуваат и двете девојчиња, Емилија Стојковска и Милијана Богдановска. На филмот работеше мешана екипа. Продукциски дизајнер повторно е Дејвид Манс, костимограф е Елизабета Монталдо, монтажер е Жаклина Стојчевска, а музиката е на Игор Василев - Новоградска. Продуцент на филмот е Кристина Калас, а копродуцент од македонска страна е „Банана филм“. Постпродукцијата е завршена летово, и тоа во студијата во Лондон, Париз и Минхен. Кога ќе биде македонската премиера се' уште не се знае, но се очекува тоа да се случи на почетокот на идната година. |