19.04.2013, 19:19 Грција за секој случај мавта со вето
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Ќе стане ли јуни новиот декември за македонската европска перспектива ако нема решение за името? Солунскиот весник „Македонија“ пишува дека е можно во јуни повторно да се соочиме со условот решение или вето. Според весникот, Грција ќе одговори со вето на потенцијалната расправа за датум за почеток на преговори за Македонија доколку дотогаш не се најде заеднички прифатливо решение. Во текстот, искусната новинарка Ангелики Спану се повикува на владин извор надлежен за македонско-грчкиот спор, кој потврдува дека Грција нема да даде зелено светло за Македонија без да се реши спорот. Според него, независно од тоа какви притисоци ќе се извршат над Грција, грчката влада нема намера да ги промени своите позиции и црвени линии.
Според весникот, оваа одлука на грчката страна е особено важна по препораките на Европската комисија Македонија итно да добие датум за отварање пристапни преговори со Грција, за која се очекува да има притисоци во јуни.
„Македонија“ посочува на изјавата на заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Куркулас, дека иако Грција ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, сепак, членството во европското семејство е можно само за оние кандидати-држави кои сакаат и можат да одржуваат добрососедски односи. „’Принуден брак‘ за членство во ЕУ не постои“, истакна Куркулас. За Грција главниот збор за европската иднина на Македонија го има Советот, а не Комисијата во ЕУ, каде што се претпоставува дека на грчка страна може да застанат некои силни ЕУ-членки кои ќе изразат солидарност со нејзиниот услов, па не ќе мора да стави вето.
Весникот „То вима“ посочи дека Грција е задоволна од новиот извештај и не очекува од документот да се создаде дополнителен притисок врз неа. Но, според весникот, и македонската Влада е задоволна од пораките од Брисел, иако во изјавите на премиерот Никола Груевски по извештајот и по средбата со Кетрин Ештон, сепак, имало мала доза претпазливост околу тоа какви се шансите за почнување преговори од јуни. |