Број 2950  вторник, 31 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Европа - Балкан

На кого да му се испрати сметката?

Иван Торов

Се чини дека преовладеа стравот дека „социјално одговорната“ влада поради ударот на најсиромашните слоеви наскоро би била прогласена за социјално сурова влада

БЕЛГРАД - Србија деновиве е во вистински шок. Колку поради брзината со која разорува економската криза, толку, можеби уште повеќе, со формулата со која владата се обидува да најде излез. Потпишувањето на стен-бај аранжманот со ММФ, со кој на Србија, под определени услови, и' се одобрува тригодишен кредит од три милијарди евра, покажа дека рецесијата на српската економија е тука, дека поранешните процени на раст од 3,5 отсто, потоа „ревидирани“ на нула до 1,5 проценти биле апсолутно нереални. Сега и ММФ предупредува дека Србија ќе биде во минус барем за два поена, што на досегашните економски проекции на владата фрла сосема поинаква светлина.

Значи, она што се знаеше и можеше да се предвиди уште пред неколку месеци, а владата упорно го игнорираше, сега изби на површина. Истиот час кога е соопштено дека е склучен договор со ММФ, почна остра полемика околу тоа дали е и колку српската влада во состојба да се избори со кризата. Односно, колку нејзините најавени мерки ќе ја олеснат или дополнително отежнат економската и социјалната ситуација. Камен на сопнување, всушност, беше намерата на кабинетот на Цветковиќ товарот на кризата да го префрли врз граѓаните, поточно на средниот слој, кој по агонијата во долготрајното владеење на Милошевиќ, од 2000 година, тукушто почна да заздравува. Создадена е буџетска „дупка“ од 1,2 милијарди евра, која владата испланира да ја пополни со воведување „солидарен“ данок од шест проценти на нето-заработувачката на вработените и на пензиите над 130 евра во наредните 18 месеци, с�� драстично зголемување на данокот на годишните приходи, со радикално намалување на даночната основица, со намалување на буџетските издатоци на здравството, со „реформирање“ (читај: зголемување) на данокот на имот, со замрзнување на платите во реалниот сектор. Иако владата се колнеше дека нема да ги чепка платите и пензиите, односно дека нема ни да ги зголемува ни да ги намалува, се испостави дека планираниот „солидарен“ данок, всушност, е обид да се удри на најбројната популација, посебно пензионерската, чии исплати се најголема буџетска ставка.

Владата во последниве денови беше изложена на силен притисок на јавноста да го ревидира својот однос спрема најзагрозениот општествен слој, обвинета е дека одела по линија на најслаб отпор (пензионерскиот), а во исто време најбогатите, тајкуните, директорите на јавни претпријатија, државните функционери, останаа фактички негибнати. На удар на острата критика најмногу е ескивирањето на владата да направи резови во намалувањето на најобемната државна администрација во регионот со над 28.000 службеници.

Во бројните коментари на најавениот „паркет-мерки“ доминира ставот дека владата го искористила аранжманот со ММФ за да се заштити себеси и своето неработење. Се потсетува, на пример, дека оданочувањето на најсиромашните било потполно непотребно ако претходно беше намалена државната администрација, запленет имотот на криминалците, макар амортизиран големиот одлив на „домашниот“ капитал во странство (повеќекратно го надминува износот на добиениот кредит од ММФ), сомнителните трансакции на најголемите тајкуни, легализирањето на дивоградбите, намалување на астрономските заработувачки во јавниот сектор, поефикасна наплата на даноците и долговите на државните фирми, оданочување на луксузот. Сега сето тоа изостана, а главната причина се препознава во општото уверување дека партиски организираната држава е најголема пречка што ветените реформи останаа обична фраза. Дури и деновиве лансираниот предлог за намалување на бројот на министерствата од 25 на 15 или 20 се релативизира под изговор дека со тој потег нема многу да се заштеди (би се променила само формата, зашто законот не дозволува отпуштање на вработените без испратнина), а Србија поради споровите во владејачката коалиција сигурно би влегла и во политичка криза со паѓањето на владата на социјалистите на Милошевиќ и на демократите на Тадиќ.

Меѓутоа, владата веќе наиде на отпор. Најпрвин меѓу економистите кои не и' се наклонети, речиси на сите релевантни медиуми, а кон критиките се приклучи и најголемиот „државен“ синдикат со предупредување дека, доколку Тадиќ и Цветковиќ не се премислат околу планираниот удар на работниците и пензионерите, ќе почне серија протести и штрајкови. Власта се обвинува дека симулира „сопствено штедење“ со ограничување на репрезентациите, патувањата, користењето службени автомобили, патувањата и мобилните телефони, со забрана на ново вработување, дека сето тоа се козметички преправки со кои настојува да ја залаже јавноста. А уште потешко е обвинението дека државата со навестените мерки, всушност, ги штити најбогатите, тајкуните, кои во светот се оданочуваат и со стапки од дури 70 отсто, а во Србија од 10 до 15 отсто. Многумина во тој факт ја препознаваат вистината за тоа кој, всушност, владее со Србија, партиите или најмоќните тајкуни кои ги финансираат партиите.

Се огласија и психолозите, кои сметаат дека владата била апсолутно неподготвена за кризата, со баластот на старите и новите кадри кои навикнаа да живеат богато и удобно. Предупредуваат дека, доколку „пакетот мерки“ не се ревидира, би се повторило времето од војните, национализмот, хиперинфлацијата и санкциите, што и онака разнишаните социјални слоеви би ги довело до самиот раб на лична и колективна катастрофа.



П.С. Притиснати од лавината критики и можен социјален бунт, водечките владини функционери вчера најавија потег кој (не) се очекуваше. Можно е откажување од „солидарниот“ данок од шест отсто на платите и на пензиите, со тоа што потребните средства за пополнување на буџетската „дупка“ би се обезбедиле со драстично скратување на државните расходи и со отпуштање на вишокот државни службеници.

Се чини дека преовладеа стравот дека „социјално одговорната“ влада поради ударот на најсиромашните слоеви наскоро би била прогласена за социјално сурова влада.


Статијата е прочитана 1244 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Ректорот забрани расправа
Бакојани го отфрли предлогот на Милошоски
„Телеком Словенија“ нов газда на „Космофон“
„Христијански“ ќотек
Кампањата не ги мотивира колебливите гласачи
Се запали покривот на Македонската опера и балет
Убиство и пет самоубиства за 24 часа
Изборите и буџетарите
Македонија нема да биде заборавена на самитот на НАТО
Избирачки одбори штимале резултати во Тетово
Британска министерка со државни пари најмувала порнофилмови
Мегафоните од фиреровиот сокак
Погром на плоштадот