Се запали покривот на Македонската опера и балет
Пожарот предизвика паника меѓу вработените во МОБ, но, за среќа, се' заврши без посериозни последици
Пожар, кој веројатно настанал поради нестручно работење, го запали покривот на Македонската опера и балет во центарот на Скопје. Пожарот набргу е локализиран, повредени нема, а е спречена и опасноста пламените јазици да се пробијат во внатрешноста на објектот.
Густиот чад од МОБ започна да се крева околу 11 часот. Веднаш притрчале работниците, кои вршат градежни работи на објектот.
„Постоеше опасност пожарот да го зафати декорот што, за среќа, не се случи“, вели работникот Шабани Амит.
Пожарот предизвика паника меѓу вработените во МОБ, но, за среќа, се' заврши без посериозни последици. Триесетина пожарникари со 10 возила набргу пристигнаа и го локализираа пожарот.
„Опожарен е пластичниот дел од металната конструкција на покривот, но брзата реакција на пожарникарите спречи огнената стихија да се прошири во внатрешноста“, ни изјави Благоја Менковски, командир на Противпожарната единица во Скопје. Според него, причина за пожарот било нестручното работење при заварувањето на покривот.
Директорот на Балетот, Кире Павлов, изјави дека му е жал, особено поради тоа што пред кусо време покривот бил „закрпен“.
Штетата се проценува на најмногу 50.000 денари. (Г.А.) |