Британска министерка со државни пари најмувала порнофилмови
Џаки Смит соочена со опасноста да ја загуби функцијата на министерка за внатрешни работи
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Британската министерка за внатрешни работи, Џаки Смит, се соочува со опасноста да ја загуби функцијата во владата откако таа и нејзиниот сопруг се најдоа во центарот на скандалот околу наплатата од државната каса на трошоците за најмување филмови, меѓу кои и два порнографски.
До службата што ги бележи и потоа ги рефундира трошоците на пратениците во Долниот дом на парламентот, меѓу екстра-давачките што ги направила во 2008 година, Смит ги навела за наплата и издатоците од 67 фунти (приближно 72 евра), за претплата на гледањето програми на еден комерцијален телевизиски канал, вклучувањето бродбенд Интернет-врска, како и неколку најмени филмови од локалната видеотека во градот Редиц, каде што е нејзината изборна единица. Два од тие филмови се означени како порнографски и за нив во пријавата стои дека пратеникот и министер има потрошено 10 фунти. Откритието на двата проториевски неделници „Сандеј експрес“ и „Меил оф сандеј“ предизвика шокираност во владата, која овие денови е целосно насочена кон претстојниот самит Г-20 и „вчудовиденост“ кај министерката. Таа се огласи со кусо соопштение во кое изрази жалење за скандалот, јавно и' се извини на британската јавност, а потоа рече дека ќе и' ги врати парите на државата. Во моментите кога јавноста почна да се забавува околу гледањето на „скокотливите“ филмови, преку Би-Би-Си беше објаснето дека кога се најмени филмовите, таа не била во Редиц, туку надвор од градот со нејзиниот сопруг. Кога јавноста почна да прашува кој би можел да ги гледа (таа нема големи деца) филмовите за чие најмување платиле даночните обврзници, стигна ново објаснување дека таа не била излезена со сопругот, туку сама, за на крајот да се покаже пред ТВ-камерите самиот сопруг за да признае дека „само тој е виновникот“.
Сопругот Ричард Тимни, кој инаку од својата жена-министерка е ангажиран како советник за нејзините работи како парламентарец, изрази жалење што ја довел сопругата во непријатна ситуација. Потоа беше објаснето дека е направена грешка при поднесувањето на списокот на трошоците, каде што е внесено и најмувањето на спорните ДВД-а, што требаше да и' помогне на Смит не само да се „исчисти“ од гревот дека министерката, задолжена за полицијата, контраразузнавачката агенција МИ5, за внатрешната безбедност и за имиграцијата, се релаксира со филмови дозволени „само за возрасни“, туку и да ја спаси од критиките дека во службените трошоци се вметнати и оние направени во видеотека и за купување на „пакетите“ со понуда за следење на сателитските забавни програми. Според прописите што ги обврзуваат пратениците, тие имаат право на надомест за ТВ-претплата и на комерцијалните канали, но само ако се во функција на потребите на пратеничките должности и обврски.
Министерката се брани со инсистирањето дека е направена грешка, пратениците од нејзината Лабуристичка партија во јавните изјави зборуваат за нејзините „големи постигања“ како шеф на Хоум офисот и за нејзината голема посветеност на работата, додека Даунинг стрит 10 смета дека Џаки Смит ги презела „вистинските чекори“, брзо исправајќи ја „грешката од небрежност“ и затоа натаму не треба да се крева голема врева околу тоа. Така не мисли опозицијата, па таа бара нешто повеќе од извинување, враќање на парите и признавање на вината на нејзиниот советник и сопруг. Целиот случај го поткопува кредибилитетот на Смит како министер и член на владата, инсистира британската опозиција, сметајќи дека без разлика што не гледала „срамни“ филмови, таа е „закопана“ од пријавувањето на трошоците кои немаат врска со нејзината работа во владиниот кабинет и во Вестминстер и што се внесени таму и филмовите. Некои ториевци веќе бараат оставка од неа, додека таа и лабуристичките пратеници што се вклучија во нејзината одбрана сметаат дека таа треба да остане во владата. Лабуристите од своја страна, се обидуваат да ја свртат работата на теренот на меѓупартиските „игри и подметнувања“, па тврдат дека конзервативците на Дејвид Камерон имаат свој човек во службата што ги прима пријавите за наплата на трошоците. Според нив, тој е тоириевскиот „крт“ кој им ја доставил содржината на пријавата на министерката Смит на медиумите и дека може во јавноста да се појават уште вакви случаи.
Така или не, владата во овој момент ќе направи се' што може за да го амортизира ударот на скандалот за нејзината позиција, а и по никоја цена нема да дозволи владина криза и оставка на министер на толку важна функција, сега кога целиот свет гледа во Лондон, за самитот на Г-20. Меѓутоа, Смит е доведена во многу непријатна и срамна позиција и како сопруга и како министер и пратеник и дека тој товар што ќе го носи ја става под сомнеж нејзината подобност за функцијата што ја има во владата. За да се извлече од една непријатна ситуација, во врска со работењето на својот сопруг, министерката Теса Џоувел пред речиси три години се раздели од својот маж, адвокат Дејвид Милс, затоа што беше обвинет за корупција во Италија.
Една таква операција би можела и сега да се очекува за спасување на образот, но се мисли дека тоа не би и' помогнала многу на Смит, затоа што таа е веќе под истрага на парламентарната комисија за стандард. Од комисијата е обвинета дека ги прекршила прописите за добивање надомест за пратениците што не се од Лондон, за користење „втор стан“. Министерката Смит како втор стан за кој прима надомест ја пријавила својата куќа во Редиц, каде што како семејство живеат таа, сопругот и децата, тврдејќи дека поради голем обем на работа таа не оди дома, туку (главно) живее во Лондон, во куќата на својата сестра.
Гордон Браун ја брани министерката
Премиерот Гордон Браун изјави дека тоа што секретарот за внатрешни работи, Џаки Смит, користела трошоци од Долниот дом на парламентот за најмување два филма за возрасни, кои ги гледал нејзиниот сопруг, треба да биде „лична работа“. Премиерот рече дека тоа не треба негативно да се одрази на „одличната работа“ што ја извршува Смит.
Смит рече дека таа „по грешка“ ги пријавила нејзините домашни трошоци за надомест од властите. Лидерот на ториевците, Дејвид Камерун, рече дека тоа е „неверојатно засрамувачки за неа“, но не е пр��шање за оставка. (Би-Би-Си) |