Ништо од пократка работна недела?
Има ли криза со антикризните мерки на ССМ? Рокот за изјаснување на Владата беше до крајот на јули
Маја Томиќ
Има ли криза во 34 антикризни мерки што и' ги предложи Сојузот на синдикатите на Владата, а за кои таа требаше да се изјасни до крајот на овој месец? Засега нема сигнали дека листата мерки што Владата требаше да ги разгледа уште на првата седница во јули, наскоро ќе се најде пред владините министри.
Според портпаролот на Владата, Мартин Мартиновски, Владата се' уште нема изградено никаков став околу мерките. Во текот на јули немало таква точка на дневен ред ниту, пак, таа е ставена за расправа за последната седница закажана за утре.
Од понеделник, пак, веќе владините министри ќе заминат на колективен одмор до средината на август, што значи дека ова прашање ќе почека уште најмалку еден месец.
„Според досегашната динамика, најверојатно, рокот ќе се пролонгира, бидејќи месецов еве помина, а нема никакви најави од социјалните партнери за формирање економско-социјалниот совет, како и за разгледување на мерките од страна на Владата. Се надевам дека во август ќе седнеме за да најдеме заедничко решение за некои спорни точки, како што е нашето барање за намалување на работната недела од 40 на 36 или на 32 часа, а за што министерот за финансии, Зоран Ставрески, се изјасни дека е неприфатливо“, вели в.д. претседателот на ССМ, Живко Митревски.
Инаку, Ставрески веќе изјави дека за Владата не е прифатлив предлогот на ССМ за скратување на работната недела, затоа што државата ќе треба парично да интервенира за покривање на разликата. Уште рече и дека предлог-мерките на ССМ се задоцнети, како и дека повеќе одговарале за почетокот на кризата, а не за сега кога таа привршувала.
Според Митревски, ССМ има разбирање дека Владата не предвидела пари за оваа намена, но Синдикатот ќе и' предложи таа да ги искористи средствата од фондовите на ЕУ.
Синдикатот во почетокот на јули побара спас од власта за излез од економско-социјалната криза. Мерките и' ги достави новото раководство на ССМ на Владата, а тие се во насока на подобрување на инвестициската клима, намалување на невработеноста, подобрување на дијалогот меѓу социјалните партнери. Се бара и отворање нови работни места, субвенции од државата во случај на принудни одмори, посебно во секторите производството на метали, текстил, градежништво и земјоделството, како и воведување минимална плата, зголемување на постојните износи на просечната плата, согласно со трендот на инфлацијата, вработувањата во јавната администрација да се сведат на минимум и да се намалат непродуктивните трошоци од буџетот заради обезбедување на основна материјална егзистенција на вработените. ССМ потсетува дека животниот стандард е се' понизок, а околу 70 отсто од вработените работат во сектори каде што се исплатува плата под просекот. Се посочува потребата и од навремено враќање на средствата на фирмите по основа на ДДВ, отвореност на банкарскиот сектор и олеснување на пристапот до евтини кредити, со кои ќе се овозможи зголемување на производството и одржување на ликвидноста на претпријатијата.
„Овие мерки ги бараше од Владата повеќе пати и претходната раководна постава на ССМ. Не само лани, туку од самиот почеток на економска криза, есента 2008 година. Во неколку наврати ги составувавме речиси истите предлог-мерки и ги доставувавме до власта, но никогаш немаше одговор од нејзина страна. Доколку сега се изјасни позитивно за нив, тоа ќе биде крајно лицемерие и јасен показател дека оваа синдикална постава шурува со власта. Истовремено, лицемерно е и од страна на новиот раководен состав на Синдикатот, кој постојните предлог-мерки ги квалификува како свои лични“, велат извори во Синдикатот. |