Број 3346  петок, 30 јули 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин

Site Meter
Економија

Почина еден од газдите на трговското чудо „Алди“

Еден од двајцата основачи на синџирот супермаркети „Алди“, Тео Албрехт, умре на 88-годишна возраст

Тео Албрехт, кој заедно со својот брат Карл, е основач на синџирот супермаркети „Алди“, почина во саботата на возраст од 88 години, по долго боледување. Погребан е во покраината Есен. Според листата на американското списание „Форбс“, Тео Албрехт, со имот од речиси 17 милијарди долари, беше втор на листата најбогати Германци. Повеќе пари има само брат му Карл.

Инаку, Тео Албрехт беше повлечен и мистериозен милијардер. Тој беше еден од главните протагонисти на германското повоено економско чудо.

Тео и неговиот 90-годишен брат Карл Албрехт во 1946 година ја презеле малата продавница со комбинирана стока, сопственост на нивната мајка во Есен, откако Тео бил пуштен од американски логор за воени заробеници. Потоа браќата продавничката ја претвориле во еден од најголемите трговски синџири за прехранбени производи, ориентирајќи се на продажба на стоки со ниски цени.

До 1960 година фирмата веќе опфаќала синџир од 300 продавници. Таа година браќата ги поделиле фирмата и германскиот пазар на север и на југ, со договор дека нема да си навлегуваат во териториите. Тео го презел северот на Германија, а Карл го презел југот, создавајќи богатство кое е проценето на 21,5 милијарди евра.

Тео во 1971 година беше киднапиран 17 дена, по што брат му Карл го плати откупот од четири милиони долари. Киднаперите никогаш не беа откриени, а Карл откупот го прикажа како трошок и загуба на фирмата.

Во меѓувреме, бројката на маркети со овој бренд достигна до 8.000 филијали на „Алди“ низ светот, од Америка преку Швајцарија и Источна Европа, па дури до Австралија. Сето тоа браќата го имаат прецизно поделено меѓу себе, исто како и во Германија. Низ земјата минува линијата на разделување, на шега нарекувана „Алди екватор“, меѓу „Алди север“ на Тео и „Алди југ“ на Карл.

„Алди“ е едно од најголемите трговски претпријатија во светот. Прометот може само да се проценува, зашто никој не го знае точно. Познавачите на браншата говорат дека тој изнесува околу 34 милијарди евра, а сето тоа е остварено без огромен управен апарат.

„Некои мислат дека за тоа мора да се изгради голем управен апарат. Дека е потребен оддел за контрола и советници за претприемаштво. Сето ова во ’Алди‘ го нема“, вели Дитер Брандес, долгогодишен деловен раководител во „Алди“.

„Алди“ се одликува и со скромно уредени супермаркети и бескомпромисност кон испорачувачите на стока. Покрај тоа, со браќата Албрехт не е поврзан ниту еден скандал, барем не јавно. За волја на вистината, на двајцата тешко им паѓаа промените. Речиси како мали револуции беа воведувањето ладилници, скенерите на бар-кодови и плаќањето со дебитни картички во супермаркетите на „Алди“. Се' дотогаш муштериите се воодушевуваа на извонредно брзите касиерки, кои очигледно ја знаеја секоја цена напамет. (Ек.Р.)


#
Статијата е прочитана 1774 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Економија
Владата не попуштa за стечајците
Долгот за струјата на рати
Ништо од пократка работна недела?
Индустријата со пораст, ама отпуштањата не престануваат
НБМ
По 3.500 евра бонус за секој вработен
По 100 години, отворена нова банка
Еврото расте во однос на доларот
Србија доби нов гувернер