Втората етапа на Тур де Франс за Кевендиш

Британецот беше најбрз во последните 500 м од делницата од Монако до Брињоле
Британецот Марк Кевендиш отспринтува во последните 500 м до победата во втората етапа на велосипедската трка Тур де Франс. Возачот на Колумбија профитира од напорите на своите тимски колеги на делницата од Монако до Брињоле, долга 187 км, победувајќи пред Американецот Тајлер Фарар од Гармин Слипстрим. Трет заврши Французинот Роман Фају.
Швајцарецот Фабијан Канчелара ја зачува жолтата маичка што ја облече по триумфот на стартниот хронометар во медитеранското кнежевство, финиширајќи како дел од групата. Финецот Јуси Веиканен, Холанѓанецот Стеф Клемент и Французите Стефан Ауге и Сирил Десел се издвоија по првото искачување и создадоа предност од пет минути и 20 секунди. Но, тимот на Саксо банк чиј член е Канчелара, заедно со екипата на Колумбија го презедоа водството по Кол д’Анж. Кевендиш ниту еднаш не погледна назад во последните метри и стигна до својата вкупно петта етапна победа на Тур де Франс.
Седумкратниот победник Ленс Армстронг од САД, кој се врати на „местото на злосторството“ 3,5 години откако се пензионира, остана десетти во вкупниот поредок, возејќи во текот на целата етапа како дел од групата.
Резултати од втората етапа: Кавендиш (В. Британија/Колумбија) 4:30,02 ч., Фарар (САД/Гармин) исто време, Фају (Франција/Агритубел) исто итн.
Генерален пласман: Канчелара (Швајцарија/Саксо банк) 4:49,34 ч., Алберто Контадор (Шпанија/Астана) +18 сек., Бредли Вигинс (В. Британија/Гармин) +19 сек. итн. |